Тачи и Весели остануваат во притвор во Хаг

Специјализираните совети за злосторствата на таканаречената Ослободителна војска на Косово (ОВК) во Хаг им го продолжија притворот на поранешните водачи на таа организација, Кадри Весељи и Хашим Тачи, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Продолжен е притворот и за поранешните водачи на ОВК, Јакуп Красниќи и Реџеп Сељими, кои исто така две години се во притвор во Хаг под обвинение за воени злосторства, јавува Танјуг.

Причините за продолжување на оваа мерка се ризикот од бегство и можноста за влијание врз сведоци, соопшти судот во Хаг.

Тачи, како и Јакуп Красниќи, Кадри Весељи и Реџеп Селими, е обвинет за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во повеќе од 40 логори во Косово и во северна Албанија, каде што луѓето беа неоправдано лишени од слобода, мачени и убиени. Тие се соочуваат со доживотен затвор.