Таравари: Пред 100 дена земјава беше парализирана, сега се движи напред!

Пред 100 дена земјава беше парализирана, а неспорно е дека сега е во многу подобра состојба отколку пред 100 дена. Гордо можам да кажам дека се движи напред, рече лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во обраќањето по повод 100 дена од влезот на партијата во Владата.

-Постојано барам од секој функционер на Алијанса за Албанците резултати и нулта толеранција на корупцијата. Уште од почетокот на нашето управување со Министерството за правда презедовме низа активности за да ја зголемиме довербата на граѓаните во судството. Преку Министерството за информатичко општество и администрација ќе формираме една точка на која ќе се нудат 182 електронски услуги на едно место. Откако управуваме со Министерството за здравство за 3. 000 денари ги зголемивме платите на сите здравствени работници, а за 162 отсто го зголемивме надоместокот за дежурство“ – рече Таравари.

Посочи дека имало многу ветувања за евроинтеграциите на земјава, но многу и се лажело.

„Од нас се очекува што поскор да ги направиме уставните измени за да се интегрираме. Но, ситуацијата е променета со интервенцијата на Русија во Украина и пројавувањето на проруски ставови во соседството. Можно е и кај нас да преовладаат проруските ставови. Европа е нашиот единствен дом, но не чека на нас. Затоа нашата демократија мора да ги надмине предизвиците и да не дозволи да не блокираат противниците на западот“ – рече Таравари.

Порача дека во иднина наместо на темите кои не разделуваат треба да се фокусираме на оние кои не обединуваат.