Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по завршувањето на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата изјави дека засега не е разговарано за влез на паријата во Владата.
На средбата појасни дека било зборувано за европскиот пат, борба против корупцијата, функционирањето на правната држава и блокираните европските закони во Собранието.
„Немаме официјални разговори за влез во Владата. Кога ќе има, ќе бидеме транспарентни и ќе го кажеме тоа“, изјави Таравари и додаде дека во моментот нема ниту официјална, ниту неофицијална понуда.
Ги негираше информациите дека на маса се ставени бројни ресори што треба да бидат доделени на Алијанса за Албанците кога ќе влезе во Владата, но сепак, како што посочи, имаат нивни услови, ако евентуално започнат со преговори.
Рече дека со политичката партија на ВМРО-ДПМНЕ се во комуникација, како и со сите други партии, но не им се допаѓа вокабуларот што го користи партијата.
„Мислам дека ги намалуваат капацитетите за соработка со албански партии, не само со Алијанса за Албанците. Имам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ веќе се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија што искрено на нас ни штети“, вели Таравари.