Безбедносен пропуст – Дали јавно се слушаше тајниот распит на Димовски?

Службите испитуваат дали имало безбедносен пропуст за време на сведочењето на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски на затворената седница на собраниската Комисијата за надзор на работата на безбедносните служби.

На комисиската седнива присуствуваа само пратеници кои имаат безбедносен сертификат. Димовски пред пратениците требаше да објасни како Украинецот Олександар Онишченко, кој е на американската „црна листа“, добил македонско државјанство.

Пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз на говорницата во Собранието рече дека од некои новинари добил информација дека тонот од затворената комисиска седница, на која сведочеше Димовски, се слушал во позадина на јутуб-преносот од пленарната седница на Собранието која беше во исто време. Трајанов побара да се испита состојбата и да се утврди дали е точно.

„Крајно неодговорно е да држиме затворена седница за исклучително битни прашања, а преку стримингот наводно некои од новинарите ги слушале тие информации“, рече Трајанов.