Достоинството на студентите помалку вредно во буџетот за 2023

Со жолт картон како опомена, а леб и зденка како илустрација за појадокот кој го добиваат, студентите уште еднаш и порачаа на Владата дека им се потребни повеќе пари за студентски оброк, подобри услови во домовите, поголеми стипендии, како и квалитетно образование.

Но, наместо со прослава, меѓународниот Ден на студентите, не само што помина со протест, туку и со „студен туш“ за идните членови на академската заедница.Пратениците на собраниската Комисија за финансирање и буџет не ги прифатија двата амандмани од опозицијата со кои се предлагаше износот за субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 на 160 денари на ден и да се исплаќа до крајот на учебната 2022/23 година.

Енергетската криза го зема својот данок и врз студентскиот грб, па така Владата најави и намалување на трошоците за реновирање на студентските домови, а управите на студентските домови најавија мерки за штедење.

„Ние сме иднина на ова општество, но некој можеби не гледа на друг начин. Некој не гледа како средство за манипулација, како средство за гласови“, рече Јован Јанев од Студентски отпор, во обраќањето синоќа пред Министерството за образование.

Иако сите треба да примениме мерки за штедење и обврска на Владата е да креира некакви механизми, тие треба да бидат логични согласно условите, вели професорката Маја Стевановиќ од Факултетот за драмски уметности и член на Независниот академски синдикат во интервју за РСЕ кое ќе се емитува в недела.

„Не можете да забраните користење греалки во студентски дом во кој не функционира парното греење или фури од сите страни. Не можете да исклучите лифт во студентски дом каде што студентите треба на 10-ти кат да се качуваат. Но, тоа не значи дека не можете да ги исклучите до трети, или четврти кат. Кога се креираат мерките за штедење треба да е здраворазумски и да се разговара со оние на кои тие мерки се однесуваат“, вели Стевановиќ.