Столтенберг: Путин и Русија се уште сакаат да ја контролираат Украина

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека нова голема руска офанзива против Украина веќе започнала, речиси една година откако Москва ја започна војната.

Тој изјави дека „не може да се види знак“ дека рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за мир, пренесува Ројтерс.

„Гледаме дека претседателот Путин и Русија сè уште сакаат да ја контролираат Украина. Гледаме како тие испраќаат повеќе војници, оружје и капацитети“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар додаде дека НАТО планира да ги зголеми планираните залихи на муниција во магацините, кои се испразнети поради војната во Украина.

„Војната во Украина троши огромни количества муниција, што ја оптоварува одбранбената индустрија. Мора да го зголемиме производството и инвестициите во нашите производствени капацитети“, рече Столтенберг и додаде дека НАТО ќе биде со Украина се додека е потребно.