Случајот со стечајот на компанијата „Медиа принт Македонија“ (МПМ), која беше сопственик на згаснатите дневни весници „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ и порталот „Телеграф“, повеќе не е во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Оттаму минатата недела бил препратен во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје каде што сега ќе треба да се распредели кај обвинител што ќе биде надлежен за случајот.
За овој предмет, по стечајот на МПМ, беше поднесена кривична пријава, а по формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), тоа ја презеде надлежноста. Откако згасна, заедно со „Империја“, случајот се префрли во ОЈО ГОКК, но Лиле Стефанова остана надлежна обвинителка.
„Точно е дека и кривичната пријава за МПМ, која беше во скопското јавно обвинителство беше препратена и на истата имаше воспоставена стварна надлежност на СЈО. Тој предмет како истрага заврши во обвинителство, ќе се донесе и соодветна одлука за него по завршувањето на истрагата“,
изјави обвинителката Лиле Стефанова во изјава за медиумите на 21 април годинава одговарајќи на новинарско прашање дали случајот со МПМ влегува во рамки на предметот „Империја“.
По една недела од ваквата изјава, од ОЈО ГОКК објавија дека е постигната спогодба на бизнисменот Орце Камчев „Империја“, кој инаку е осомничен и во предметот за МПМ. Во соопштението од обвинителството тогаш нагласија дека спогодбите се за кривични дела до 2009 година, додека за периодот потоа, како и за стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува.
Покрај Камчев, во јавноста познато е дека осомничени за МПМ се и Срѓан Керим и Јасна Станисављева.