СДСМ: Има само една банда – ВМРО-ОКГ и нејзиниот шеф арамија Мицкоски

Од СДСМ денеска упатија остри обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на неговата изјава дека „нема веќе банди, нема веќе криминал, нема рекетирање, нема веќе марихуана економија, нема веќе провизии од Лотарија“.

Од СДСМ денеска упатија остри обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на неговата изјава дека „нема веќе банди, нема веќе криминал, нема рекетирање, нема веќе марихуана економија, нема веќе провизии од Лотарија“.

„Нема мали банди, точно, има само една голема, таа контролира сè. Нема повеќе улични банди – има партиска. Нема рекет од страна – рекетот сега има печат, кабинет и прес-конференција“, велат од СДСМ.

Од партијата тврдат дека повеќе нема провизии од Лотарија „на црно“, туку, како што наведуваат, „систем во кој државата е плен“, посочувајќи сума од 5,5 милиони евра.

СДСМ упати обвинувања и во врска со случајот со петте тони марихуана, тврдејќи дека таа поминала преку граница и царина кон Србија без задржување и со полициска придружба.

„Криминалот и корупцијата сега имаат име и презиме: Христијан Мицкоски. Мицкоски не објави резултат. Објави капитулација на институциите“, се наведува во соопштението.

Според СДСМ, кога премиерот тврди дека криминалот го нема, тоа не претставува биланс од работата на институциите, туку, како што велат, „легализација на криминалот и корупцијата“.

Од опозициската партија обвинуваат дека во изминатите две години ВМРО-ДПМНЕ поставувала свои луѓе во повеќе сегменти од државниот систем, меѓу кои во судството и обвинителството, безбедносните структури, игрите на среќа, енергетиката и јавните набавки.

„Потоа излегува премиерот и вели – нема банди. Бандата е на власт. Нема конкуренција на улица кога улицата ја држи кабинетот“, порачаа од СДСМ.

Од партијата додаваат дека додека Мицкоски, како што велат, „ги раскажува своите економски бајки“, граѓаните ги плаќаат сметките, а власта создава слика за ред, додека одговорноста за аферите ја префрла врз претходната власт.

„Криминалот не исчезнува со изјава. Исчезнува со истрага која не застанува пред презиме, функција и партиска книшка“, наведуваат од СДСМ.

Оттаму посочуваат на 5,5 милиони евра поврзани со Лотарија, како и на милионски суми во енергетиката, јавните набавки и безбедносните служби, за кои тврдат дека не се „ПР-теми“, туку прашања за кои треба да има одговорност.

„Нема повеќе банди. Има една. Се вика ВМРО-ОКГ и седи во Владата“, велат од СДСМ.

Од партијата на крајот порачаа дека ќе продолжат политички да ги отвораат овие прашања и дека нема да прифатат тврдења дека Македонија е „чиста од криминал“ само затоа што тоа го изјавува премиерот.