Северна Кореја истрела две балистички ракети од источниот брег

Северна Кореја денеска истрела уште две балистички ракети од нејзиниот источен брег.

Лансирањето дојде само два дена откако Северна Кореја истрела интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) во морето кај западниот брег на Јапонија, што ги натера САД да ги продолжат воздушните воени вежби со Јужна Кореја и одделно со Јапонија во неделата.

Севернокорејските државни медиуми потврдија дека Пјонгјанг истрелал два проектили од повеќецевни ракетен фрлач, погодувајќи цели на растојание од 395 и 337 километри.

Активиран е ракетен фрлач со калибар 600 милиметри, кој е дел од тактичкото нуклеарно оружје, објави државната новинска агенција КЦНА.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека две севернокорејски проектили биле истрелани и достигнале максимална височина од околу 100 и 50 километри и паднале надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, пренесе Ројтерс.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека побарал итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради лансирање на севернокорејски ракети, а јапонските медиуми објавија дека средбата е закажана за денеска во 20 часот по средноевропско време.

Началникот на Здружениот Генералштаб на Јужна Кореја остро го осуди лансирањето на ракетата, нарекувајќи го тешка провокација која треба веднаш да се прекине.

Јужнокорејското Министерство за надворешни работи денеска објави санкции против четири лица и пет институции поврзани со оружјето на Пјонгјанг користено во последните ракетни тестови.

Американската индо-пацифичка команда рече дека последното лансирање не претставува непосредна закана, но го дестабилизира регионот.

Портпаролот на ОН Стефан Дујарик го повика Пјонгјанг веднаш да престане со провокативните дејствија забранети со резолуциите на Советот за безбедност и да продолжи со дијалогот за нуклеарно разоружување.

Сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Јонг, предупреди на зголемено присуство на американски стратешки воени средства во регионот по заедничките воздушни вежби во регионот во текот на викендот.