Северна Кореја го затвори главниот град поради „неодредена респираторна болест“

Главниот град на Северна Кореја е затворен пет дена поради, како што велат, неодредено респираторно заболување.

Властите во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, наредија петдневен карантин поради зголемување на случаите на неодредено респираторно заболување, се вели во нивниот официјален извештај.

Во известувањето не се споменува КОВИД-19, но се вели дека жителите на градот треба да останат во своите домови до крајот на неделата и да си ја мерат температурата повеќе пати на ден.

Во вторникот, една веб-страница објави дека жителите на Пјонгјанг се чини дека складираат храна затоа што се најавени построги мерки. Не е јасно дали другите области на Северна Кореја воведоа нови ограничувања, пишува Гардијан.

Северна Кореја информираше за првиот случај на Ковид -19 во 2022 година. Во август истата година прогласи победа над вирусот. Режимот никогаш не потврди колку луѓе во земјата беа заразени со болестта, очигледно затоа што нема ресурси за да спроведе широко распространето тестирање.