Потребни ни се повеќе лидери, и жени и мажи, кои ќе го споделуваат своето знаење

Денес завршува седмата Европска недела на родова еднаквост, која од 3 до 10 ноември го стави во фокус женското лидерство и создавањето можности за новите генерации лидерки. Преку низа активности, дебати и настани, Европскиот парламент ја нагласи важноста на поголемата застапеност на жените во процесите на одлучување. По повод одбележувањето на оваа недела, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) потсетува дека вистинскиот напредок не се мери само со бројот на жени кои денес се на лидерски позиции, туку и со можностите што ги создаваме за генерациите што доаѓаат.

Денес завршува седмата Европска недела на родова еднаквост, која од 3 до 10 ноември го стави во фокус женското лидерство и создавањето можности за новите генерации лидерки. Преку низа активности, дебати и настани, Европскиот парламент ја нагласи важноста на поголемата застапеност на жените во процесите на одлучување. По повод одбележувањето на оваа недела, Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) потсетува дека вистинскиот напредок не се мери само со бројот на жени кои денес се на лидерски позиции, туку и со можностите што ги создаваме за генерациите што доаѓаат.

Годинешната тема, „Women in Leadership – Shaping the Change and Inspiring the Next Generation of Leaders“ (Жените во лидерството – двигатели на промени и инспирација за следната генерација лидери), отвори важно прашање: Како да обезбедиме женското лидерство да не биде исклучок, туку реална можност за многу повеќе жени? Во рамки на
европската недела беа организирани дискусии за жените во јавниот живот, лидерството во политиката и бизнисот, економската независност, родовите разлики во пензиите и пречките со кои жените се соочуваат во различни професии. Посебно внимание беше посветено на улогата на денешните лидери во охрабрувањето и развојот на новата генерација жени.

На централниот настан одржан на 3 ноември во Европскиот парламент учествуваше и неговата претседателка Роберта Мецола, која ја нагласи потребата од поголемо учество на жените во носењето одлуки. Посебно силна порака испрати претседателката на Комитетот за правата на жените и родова еднаквост, Лина Галвез, која истакна дека вистинската еднаквост не се постигнува кога една жена ќе стигне до врвот, туку кога заедно со неа напредуваат и други жени. Во рамки на неделата беа организирани и средби на млади политички лидери со искусни европски претставници, со цел споделување искуства и поттикнување на новите генерации да преземат лидерски улоги.

А што значи ова за Македонија?

Претходните анализи и соопштенија на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), посветени на застапеноста на жените во политиката и управните одбори, укажуваат дека жените и понатаму се недоволно застапени на највисоките позиции на одлучување.
Но, покрај прашањето колку жени се на лидерски позиции денес, важно е дa се запрашаме и што правиме за во иднина да ги има повеќе. Во јавноста често ги истакнуваме успешните приказни на жени претприемачи, директори, научници и лидери.

И со право. Тие се важни примери дека жените можат да постигнат успех во секоја област. Но, вистинскиот напредок не е само во препознавањето на жените што веќе успеале, туку и во создавањето услови многу повеќе жени да имаат можност да го постигнат истото. Дали младите жени имаат доволно можности да учат од поискусни лидери? Дали добиваат поддршка да преземат поголеми одговорности? Дали компаниите активно ги препознаваат и развиваат идните лидерки? Ова се прашања што заслужуваат поголемо внимание и во македонското деловно опкружување.

„Секоја успешна жена е важна инспирација, но вистинското влијание е кога нејзиниот успех отвора можности и за други жени. Потребни ни се повеќе лидери, и жени и мажи, кои ќе го споделуваат своето знаење, ќе менторираат, ќе препознаваат потенцијал и ќе создаваат простор за напредување. Не треба само да ги славиме успешните приказни, туку да создадеме услови тие да стануваат сè побројни. Токму тоа е пораката што треба да ја понесеме и по завршувањето на Европската недела на родова еднаквост“, истакнуваат од GEA.

Менторството, пристапот до професионални мрежи, програмите за развој на лидерски вештини и транспарентните можности за напредување се дел од практичните чекори преку кои компаниите можат да придонесат кон развојот на идните генерации лидери.

Важно е овие можности да бидат дел од долгорочната корпоративна култура, а не само од повремени иницијативи. Европската недела на родова еднаквост е потсетник дека лидерството не е само позиција, туку и одговорност да се создаваат можности за другите.

Бидејќи најголемиот успех на една генерација лидери не е само она што самата го постигнала, туку и можностите што ги оставила на следната.

Алијансата ги повикува институциите, работодавачите и целото општество активно да придонесат кон еднаква застапеност, еднакви можности и правични услови за професионален развој и напредување на жените. Родовата еднаквост на работното место не е само прашање на правда – таа е предуслов за економски раст, одржлив развој и праведно општество.

Алијансата за родова еднаквост (GEA), иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија, е платформа која ги обединува компаниите и организациите посветени на унапредување на родовата еднаквост во деловниот сектор, преку три клучни столба: еднаква плата, еднаква застапеност и еднакви можности. Во мрежата на партнери и поддржувачи на GEA се вклучени: Еуролинк Осигурување, КаСис АД, Сава Пензиско и Халкбанка како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, IdeaLab, Евроинс Осигурување и Coslovemetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се: Сава Осигурување, Publicis Groupe, EOS Matrix, Avenga Academy, Furnit и Fashion Group.