„Позициите на нашата држава по однос на проблемот што го имаат Руската Федерација и Република Украина е дека целосно го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Како земја членка на НАТО, ја поддржуваме и се залагаме за политиката на отворени врати и правото на секоја земја, вклучително и Украина, за самоопределување“. Ова вечерва на ТВ Телма го изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Од она што и ние по нашите канали на комуникација во рамки на НАТО структурите го добиваме и од она што се информира јавноста, е дека во тек се дипломатски преговори за мирно решавање на овој спор. И апсолутно како држава таквиот тек на настаните го поддржуваме, односно се залагаме за дипломатско решавање на овој спор“ рече Петровска.
Министерката истакна дека нашата држава до сега од Русија нема добиено никакви барања како што побара од НАТО да се повлече од Бугарија и Романија.
„Имаме исклучително добри билетерални релации, но сепак како држава нашите институции се задолжени и се должни да ги штитат интересите пред се на нашата држава односно националните безбедносни интереси. Во таа насока беше и протерувањето на дипломати кои очигледно е дека по сознанијата кои нашите институции ги имале, ја преминале границата, односно обавувале дејствија кои не се во согласност со прописите и процедурите“ – појасни Петровска.