Претседателот на Чешка Петр Павел денеска изјави дека е важно на Украина да и се даде јасна перспектива за членство во НАТО.
– За вооружените сили на Украина, за граѓаните на Украина, многу е важно да се одржи висок морал. За ова им треба перспектива. Перспективата за членство во НАТО ќе значи дека процесот ќе се дефинира како неповратен, рече чешкиот претседател пред почетокот на состанокот на шефовите на држави и влади на земјите од Северноатлантската алијанса во Вашингтон.
Павел оцени дека изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден за неповратноста на патот на Украина кон членство во НАТО е „силна“ и додаде дека сојузниците нема да дозволат Украина да падне.
– Најитната задача во моментов е на Украина да и се обезбедат дополнителни системи за противвоздушна одбрана, рече поранешниот генерал на НАТО. Павел ја спомена иницијативата на пет земји објавена од американскиот претседател, кои се обврзаа да обезбедат такви системи што е можно поскоро.
Тој, исто така, го истакна консензусот на сите сојузници дека Русија е јасно идентификувана како најголема безбедносна закана за НАТО и оти Украина ќе биде поддржана се додека е потребно.
Америка, Германија, Холандија, Италија и Романија најавија обезбедување дополнителни системи за противвоздушна одбрана на Украина. Станува збор за системи Патриот, компоненти за нив, SAMP/T, како и за десетици тактички системи за противвоздушна одбрана во иднина.
Лидерите на НАТО се собраа на самит во Вашингтон, каде што вчера, денеска и утре Алијансата ја слави 75-годишнината од формирањето.