(ВИДЕО) Вујошевиќ: Луѓето многу глумат – сите сакаат да бидат глумци

➡За тоа како гледа на предрасудите коишто за жал сѐ уште постојат во македонското општество, како и додека живеела во Истанбул, имала цимерка Босанка која била со шамија, Вујошевиќ вели дека таа случка и било едно големо откровение за неа како личност. ➡Јас повеќе не сум изворот од кој течат приказните, туку јас сум каналот низ којшто се раскажуваат туѓите приказни. Ако претходно се хранев од сопствената тага, од сопствената фрустрација , од сопствената болка, па и среќа и љубов, сега се повеќе сакам да верувам дека сум подготвена да го исчистам своето тело од моите емоции, за да бидам еден канал низ кој ќе поминат туѓите приказни, вели Вујошевиќ.➡таа една човечка потреба да бидеме дел од групата, во случајов да бидеме дел од една голема корпоративна фирма во којашто нашиот квалитет ќе се истакне, па и по цена да газиме преку живи тела. ➡Во реалниот живот луѓето многу глумат. Сите сакаат да бидат глумци, смета Слаѓана Вујошевиќ.

„Мене отсекогаш ми било предизвик да создавам ликови за различни медиуми. Мислам дека тоа е убавината на нашата професија, да се предизвикуваме себе си да правиме различни работи. Пред се како актер имаме прилика да играме различни ликови, меѓутоа тие ликови поинаку се прилагодуваат на различни медиуми. Така што можноста да создавам и во театар и пред камерите и пред микрофоните за позајмување на глас во анимација, е нешто коешто сум многу благодарна што ми се случува, и се надевам дека уште долго ќе ми се случува. Од друга страна да се испитува оваа професија од другата страна како предавач е уште еден голем благодет, преку којшто истовремено многу учам. Иако улогата е да предаваш знаење, сметам дека многу се учи, бидејќи таква е професијата. Тие часови не се класични часови на коишто професорот застанува и само зборува, напротив тоа е континуиран процес на заедничко растење, во коешто јас многу растам како предавач“, изјави во Трилинг, актерката Слаѓана Вујошевиќ.

За тоа како гледа на предрасудите коишто за жал сѐ уште постојат во македонското општество, како и додека живеела во Истанбул, имала цимерка Босанка која била со шамија, Вујошевиќ вели дека таа случка и било едно големо откровение за неа како личност.

„Јас во тој момент сфатив дека и јас имам предрасуди. Јас дотогаш сметав дека не е возможно јас да имам предрасуди, бидејќи сум од едно толку мешано семејство и сум растена со сите култури, со сите јазици. Така што навистина верував дека не е возможно јас да имам предрасуди, барем не кон религиската припадност, кон етничката припадност, кон различниот од тој аспект. Таа случка мене ми укажа дека за да се впери прстот кон другиот, мора прво да се впери кон себе, мора прво себеси да се преиспитаме, што можеме да направиме подобро ние, и тогаш да бараме од другите да прават нешто подобро.

-Тоа ми беше една голема лекција од којашто многу научив и ме поттикна да гледам отворено кон се, дури и кон негативното, затоа што и негативното донекаде има извор од каде потекнува, а тоа никогаш не е од само злоба, тоа е некогаш од недостаток на љубов“, смета Вујошевиќ.

Говорејќи како е да се влезе во туѓите приказни, Вујошевиќ вели дека тоа е многу возбудливо.

„Кога започнував како млад актер сметав дека јас сум во центарот на се, јас сакав да настапувам, да се покажам себеси, сакав луѓето да ме наградуваат со аплауз, и тоа ми беше клучно како млад актер. Но како што изминуваа годините ја сфатив одговорноста што стои зад оваа професија. Ние сме гласниците на туѓите приказни. Јас повеќе не сум изворот од кој течат приказните, туку јас сум каналот низ којшто се раскажуваат туѓите приказни. Ако претходно се хранев од сопствената тага, од сопствената фрустрација , од сопствената болка, па и среќа и љубов, сега се повеќе сакам да верувам дека сум подготвена да го исчистам своето тело од моите емоции, за да бидам еден канал низ кој ќе поминат туѓите приказни.

-Ние сме сведоци на една глобална тага, која што за жал е непресушен извор. Сведоци сме на приказни коишто мораат да се раскажат, мораат да се слушнат, и сакам да верувам дека како актер тоа е мојата задача. Тагата извира од се што се случува околу нас. Таа е една универзална тага којашто е резултат на сите овие војни кои се случуваат околу нас. Ние мораме да бидеме гласници на денешново време. Ние не смееме да бидеме откинати од тоа што се случува околу нас. Јас морам да ги тргнам настрана своите состојби, за да можам да ги раскажам туѓите приказни“, вели Вујошевиќ.

Горејќи за „Интервју“, новата претстава во Турскиот театар, каде ја игра една од клучните улоги и е психолошка драма што отвора прашање за моќта, манипулацијата, амбицијата и која е денеска цената што луѓето се спремни да ја платат за успех, Вујошевиќ вели дека тоа е интересна тема којашто ја имаат обработено под режисерската палка на Александра Кардалевска и од перото на Онур Озџан. Текстот е инспириран од Гронхол метод, еден шпански текст, меѓутоа е буквално препишан и е комплетно прилагоден на денешното време, на овие ликови кои денеска не опкружуваат.

-Мене ми беше многу тешко да си признаам дека во одредени фази од мојот живот и јас сум некој од тие ликови. Јас имав период од животот кога мојата кариера беше пред се. Јас го запоставував својот приватен живот. Запоставив многу приватни настани по цена на тоа да успеам во тоа што го креирам и создавам. И овој проект ми беше едно огледало пред се за себе. За среќа овие ликови коишто ги создадовме со моите колеги во претставата ги немаме во нашето опкружување. Јас за среќа немам вакви пријатели, немам вакви познаници. Морав да изгледам многу ТВ серии и филмови кои ја обработуваат оваа тема, па дури би рекла и многу политички емисии, за да можам да го отсликам ликот во претставата „Интервју“. Но да, од една страна и ме соочи со некои мои предизвици во животот.

-Така што ова е една претстава која ги обработува длабоките фрустрации на индивидуата во желбата да припадне, во желбата да биде во едно заедништво, па какво и да е тоа. Значи таа една човечка потреба да бидеме дел од групата, во случајов да бидеме дел од една голема корпоративна фирма во којашто нашиот квалитет ќе се истакне, па и по цена да газиме преку живи тела“, вели Вујошевиќ.

Осврнувајќи се околу тоа колку денес сме подготвени да одиме толку длабоко за да стигнеме до целта, Вујошевиќ вели дека сигурно такви луѓе има.

„Јас би сакала да верувам дека не сум таква, и секојдневно се трудам со своите постапки да не сум таква. Едноставно сметам дека и самата наша професија не учи да бидеме големи емпати, а кога си епмат едноставно тоа е невозможно“, изјави Вујошевиќ.

Таа и додава дека со секој нов лик расте, созрева, осознава нешто ново.

„Некако верувам дека нема никакви случајност тука. Некако сите улоги што ми се случуваат токму во вистинскиот момент, во моментот кога треба да научам нешто и за себе и приватно, буквално некоја животна лекција. Со Констанца беше така, бидејќи станува збор за лик којшто безусловно го сака својот партнер и прави се за тој да успее. Во мојот приватен живот од друга страна, бидејќи мојата професија е јавна, тука бил секогаш мојот партнер за мене, и безусловно ми се давал за јас да успеам во својата кариера. Оваа улога некако ме потсети дека тоа мора да биде двонасочно. Од друга страна оваа нова улога којашто се создаде во „Интервју“ ме соочи со некои свои лични стравови за тоа колку е професијата важна и дали е толку важна за да се стави пред најблиските. Така што секој проект како да ми се случува во вистинското време, кога сум подготвена да ги научам животните лекции“, вели Вујошевиќ.

-Во реалниот живот луѓето многу глумат. Сите сакаат да бидат глумци“, смета Слаѓана Вујошевиќ.

Интервјуто погледнете го во видеото