Одбележување на роденденот на Горан Стефановски утре во Дебар Маало

Кај спомен-клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало утре попладне од 17 часот Општина Центар организира одбележување на роденденот на големиот драмски автор.

Кај спомен-клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало утре попладне од 17 часот Општина Центар организира одбележување на роденденот на големиот драмски автор.

Домаќин на настанот ќе биде неговиот син, Игор Стефановски, кој ќе ги потсети присутните на родендените што ги славеле заедно, како и на неговиот живот, хумор, идеи и оставштина.

Во рамки на настанот, хорот „Мирче Ацев“ ќе изведе неколку од омилените песни на Горан Стефановски, а настап ќе има и младата џез формација „Трицикл“.

Програмата ќе биде збогатена со монолози од неговите дела, интерпретирани од актери, како и со ликовна изложба со портрети од Горан Стефановски, насликани од уметникот Ненад Рафајловски. Музичката атмосфера ќе ја заокружи диџеј Шурбе.

Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, ги покани сите почитувачи на книжевноста и делото на Горан Стефановски да се придружат на утрешниот настан за, како што вели, „заедно да го одбележиме неговото творештво, неговиот дух и неговото присуство во културниот живот, преку уметност, музика, сеќавања и пријателски разговори“.

Општина Центар соопшти дека години наназад реализира настани и уредува уметнички катчиња, посветени на животот и делото на славниот дебармаалец Горан Стефановски (Битола, 27 април 1952 – Кантербери, Обединето Кралство, 27 ноември 2018).