Стојановски негира дека ќе има привилегии со новиот закон за концесии

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека предложените измени на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство имаат за цел модернизација на системот, но без отворање простор за привилегии или директно доделување договори.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека предложените измени на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство имаат за цел модернизација на системот, но без отворање простор за привилегии или директно доделување договори.

Според него, измените не го менуваат основниот модел на јавно-приватно партнерство, туку воведуваат можност за поголема ефикасност и пристап до иновации.

„Овие измени не го менуваат основниот модел на јавно-приватно партнерство, ниту ја нарушуваат транспарентноста и јавната контрола“, изјави Стојаноски.

Клучната новина, како што појасни, е можноста приватниот сектор да поднесува самоиницијативни предлози за проекти од јавен интерес.

„Со предложените измени се воведува можност приватниот сектор да поднесува самоиницијативни предлози за јавно-приватни партнерства“, рече Стојаноски.

Тој нагласи дека ваквите предлози не значат автоматско добивање договор или концесија.

„Подносителот на иницијативата не добива автоматско право на договор, не добива гаранција за победа на јавната набавка, не добива директна концесија“, изјави Стојаноски.

Во случај предлогот да биде прифатен, постапката, како што посочи, останува целосно јавна и конкурентна.

„Доколку се отвори постапка, таа е целосно јавна, конкурентна и достапна за сите економски оператори под исти услови“, додаде тој.

Стојаноски појасни дека измените предвидуваат и ограничени механизми за надомест на трошоци или израмнување на понуди, но само во строго дефинирани ситуации и без гаранции за избор.

Како суштина на измените, тој ги наведе побрзото препознавање на инфраструктурни проекти и поголемото користење на приватната експертиза.

„Идејата може да дојде од приватниот сектор, но одлуката останува исклучиво на државата“, истакна Стојаноски.