
НБРМ: Основната каматна стапка зголемена за 0,25 процентни поени
Народната банка ја затегнува монетарната политика со зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25 насто. Одлуката на Извршниот одбор доаѓа во услови на сè уште присутни инфлациски притисоци, геополитичка неизвесност и засилена кредитна активност во домашната економија.
Народната банка ја затегнува монетарната политика со зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, на 4,25 насто. Одлуката на Извршниот одбор доаѓа во услови на сè уште присутни инфлациски притисоци, геополитичка неизвесност и засилена кредитна активност во домашната економија.
Зголемувањето, како што посочуваат од централната банка, е засновано на најновите податоци и оценките за ефектите од глобалните случувања врз домашните економски текови.
Од почетокот на годината е забележана зголемена побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што довело до поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Сепак, од мај наваму се бележи стабилизација на побарувачката, а најновите информации упатуваат на можност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток.
„Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата“, посочуваат од Народната банка.
Во мај, годишната инфлација забави на 4,8 насто од 5,7 насто во април, но остана на повисоко ниво од историскиот просек. Истовремено, се засилуваат притисоците кај енергетската компонента, а растот на базичната инфлација дополнително укажува на присутни ценовни притисоци.
Во такви услови, Народната банка оценува дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со постојните инструменти, ќе придонесе за стабилност на девизниот курс, зацврстување на инфлациските очекувања и стабилизирање на цените.
„… Умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. Како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 п.п., што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки“, нагласуваат од централната банка.