„Насилството врз децата бара одговор што ги надминува државните граници“, вели Шасивари
Недоволната институционална координација, слабостите во спроведувањето на законите и новите форми на насилство преку дигиталните технологии се трите главни предизвици во заштитата на децата. Ова го истакна министерот за правда Јетон Шасивари на Втората глобална министерска конференција за ставање крај на насилството врз децата, која се одржува во Манила, Филипини, со учество на претставници од 131 држава.

На панел-дискусијата „Европа: Заеднички предизвици, заеднички решенија“, Шасивари посочи дека дигиталните платформи отвораат нови можности за злоупотреба, сексуална експлоатација и вознемирување на децата. За справување со овие појави, според него, потребни се современи законски решенија, поефикасни механизми за пријавување и поголема одговорност на технолошките компании.
Тој информираше дека Македонија работи на усогласување на кривичното законодавство со меѓународните стандарди, во рамки на подготовката на новиот Кривичен законик. Посебен акцент е ставен на заштитата на децата од 14 до 17 години од онлајн насилство и сексуална експлоатација.
Шасивари предупреди и на јазот меѓу законски загарантираната заштита и нејзиното спроведување во практика. Како проблеми ги посочи недостигот од специјализирани професионалци, преоптовареноста со предмети, долгите постапки и повторените испрашувања на децата пред различни институции.
Во тој контекст го спомена Законот за правда за децата од 2024 година, кој предвидува посебни процесни гаранции, заштита на најдобриот интерес на детето и мерки за спречување секундарна виктимизација.
Третиот предизвик, според министерот, е недоволната координација меѓу образовните и здравствените установи, центрите за социјална работа, полицијата и правосудните органи. Тој нагласи дека се потребни јасни процедури, одговорни лица за координација, заеднички обуки и безбедна размена на информации.
Конференцијата е организирана од Владата на Филипините во партнерство со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, со цел зајакнување на меѓународната соработка и изнаоѓање конкретни решенија за спречување на сите форми на насилство врз децата.