Во пресрет на одржувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците, заседаваше Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што донесе одлука да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. др Христијан Мицкоски да ги афирмира и одбрани следните позиции:
Поаѓајки од националните и државните интереси и запазувајќи го мислењето на огромното мнозинство на граѓани во државата, Уставни измени под диктат и во околности кои се поразителни за Македонија не смее да има. Носењето на Уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонските народ, кога се оспорува јазикот, историјата и културата не е никаков чекор напред, туку отварање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекувања.
Македонија токму поради лесните отстапки до сега и штетните политики на власта е веќе во изолација. Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или за изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за Уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси.
За ваквата подредена состојба на државата е виновна криминилизраната власт на ДУИ и СДСМ.
Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија. Но, тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес на прифаќање и почитување на вредностите и создавање на национално единство. Оттука, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во името на огромно мнозинство македонски граѓани бара фер шанса иста каква што ја имаа останатите народи и држави од Централна и Источна Европа кога пристапуваа кон ЕУ, порача потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски.