Мирослава Симоновска: Затворањето на хируршките сали е скандал – одговорност мора да има!

Апсолутно неприфатливо кон јавноста и новинарите кои се репрезенти на јавниот интерес, со денови да нема објаснување за причините за затворањето на хируршките сали. Разочарува нетранспарентноста за секоја тема која на Министерството за здравство не му носи позитивни поени. Уште повеќе разочарува и скандализира начинот на кој ова колабирање на хируршките сали е дочекано со тивка најава за прес конференција дури во понеделник во 12 часот, без да се препознае итноста на проблемот, вели за Трилинг новинарката Мирослава Симоновска.

Пациентите во меѓувреме информираат за своите голготи поточно, препраќани се во ГОБ 8 Септември која е целосно букирана или со хотелскиот вокабулар „fully booked“. И во Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски позната како стара градска болница има наплив на пациенти за итни операции, истакнува Симоновска.

-Сето ова се случува тивко и нечујно, без да се образложува од Министерството за здравство дека не го детектирале проблемот и оставаат простор за бројни шпекулации во периодот во кој министерот транзирира. Не смее да се дозволи јавноста и пациентите да останат во лимбо без разлика на тоа кој е министер. Дополнително сметам дека Јавното обвинителство беспотребно и за дефокус е инволвирано во случајот за да испитува обележја на евентуално кривично дело. Тоа може да биде фокус на јавниот интерес но второстепен, а првостепен интерес е зошто салите се надвор од функција и кога ќе се оспособат, како и дали е пропуштено нешто во одржувањето на доводот со кислород за да системот колабира, порача новинарката за „Трилинг“.

Јавното обвинителство ќе оценува дали има основи за поведување кривична постапка за затворањето на хируршките сали во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со цел да се разбере зошто објектите не работат една недела.

Извештаите укажуваат на загриженост поради непријатна миризба и неисправност на системот за вентилација, што предизвика интервенција од Министерството за здравство.

Назначен е обвинител кој треба да утврди дали се случиле некои кривични дела во врска со затворањето.

По собирањето на изјави и докази, обвинителството ќе оценува дали има основи за поведување кривична постапка. Во моментов функционираат само три сали за итни случаи, а пациентите се пренасочуваат на лекување во други болници.

За состојбите на клинички центар денеска реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик. Од партијата обвинуваат дека ДУИ и СДСМ системски го уништуваат здравството до последен ден и дека незапаметен хаос владее на Клиниката за хирургија.

Министерството за здравство се уште молчи за проблемот со хируршките сали. Оттаму не споделуваат информации дали дефектот поради кој со денови веќе не се вршат операции е решен и кога ќе бидат ставени во функција нa пациентите.

Според информациите во моментов приспособени се само три сали за исклучително итни случаи, а пациенти се препраќаат во други болници.

За состојбите на Клинички денеска реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик.

Од партијата обинуваат дека ДУИ и СДСМ системски го уништуваат здравството до последен ден и дека незапаметен хаос владее на Клиниката за хирургија.