МВР истражува, ќе има ли пријава за градоначалникот на Охрид?

СВР Охрид во координација со Центарот за јавно здравје од овој град преземаат мерки и активности за расчистување на случајот со градоначалникот на Охрид – Кирил Пецаков.

Тој добил позитивен наод на тест за Ковид-19 на испитувањето направено по завршувањето на богојавленските свечености во Охрид на кои лично присуствуваше, соопштија од Министерството за внатрешни работи, додавајќи дека по расчистувањето на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

Сепак, на повтореното тестирање, резултатите биле негативни.

И двете тестирања биле спроведени во истата установа – во Центарот за јавно здравје – Охрид.

Пецаков на својот Фејсбук-профил појасни дека не чувствува никакви симптоми, а ПЦР тестирањето го направил заради потреба за патување во странство.

Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат – Ирина Бухова изјави дека Пецаков морал да се изолира додека го чекал тестот.

Инаку Пецаков заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и со потпретседателот на партијата, Александар Николоски во средата, на Водици беа меѓу голем број луѓе на градското пристаниште во Охрид, без да се одржува пропишаната дистанца и без заштитни маски.