![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2022/07/EUROSTANDARD-BANKA-750x430.jpg)
Костовски: На 22 август ќе ја објавам вистината за „Еуростандард“ банка
- Со гордо срце и чиста мисла денеска официјално најавувам дека на ден 22 Август 2022 година во Скопје ќе биде обзнаен извештајот од мојата приватна истрага поврзана со стечајот на Еуростандард банка, која се работеше во изминатите 15 месеци. Овој извештај е направен од тимот на експерти за банкарски криминал под водство на господинот Драго Кос. На неговата презентација пред македонската јавност ќе присуствуваат и еминентни стручњаци во банкарскиот систем од земји членки на Европската Унија. – објави Трифун Костовски.
Еуростандард банка отиде во стечај пред две години, а мнозински акционер беше бизнисменот Трифун Костовски. Народната банка и ја одзеде дозволата и од судот ќе побара стечај за банката. Гувернерката Бежоска уверуваше дека се направени максимални напори таа да не се затвори, но кредитните загуби биле преголеми. Банката издавала кредити без соодветно покритие.
Една од конкурентските предности на Еуростандард во однос на другите банки беше 20-годишниот договор со Македонски пошти, со што вкупниот број на заеднички експозитури изнесуваше 330. Банката постоеше 19 години, а во 2014-та ја купи целосно Поштенска банка.
Ова не е прва банка со клуч на врата во Македонија. Во 2004-та и беше одземена дозволата на банката Експорт-импорт, три години подоцна беше ликвидирана Македонска Банка. Претходно, во 1997-та, илјадници штедачи останаа со празни раце по пропаѓањето на штедилницата ТАТ.