Ковачевски: Со таргетирани мерки го штитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска беа во посета на компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани, специјализирана за откуп, преработка и пласман на ориз.

За време на посетата, на премиерот Ковачевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Бачовски им беше презентиран процесот на работа на компанијата, која е извозно ориентирана.

Компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани се квалификува како корисник на владините мерки во рамките на Програмата за рурален развој за поддршка на откупувачите и преработувачите на бел ориз при трошоците за амбалажа и за откуп наменет за извоз.

„Владата е во секојдневна комуникација со стопанството, со граѓаните, сè со цел да креираме навремени и таргетирани мерки кои ги носиме и на дневна основа како што можете да се уверите. Будно ја следиме состојбата уште од првиот ден на енергетската криза, која очекувано беше дека ќе предизвика и ценовен раст на храната. Нашата цел е да го заштитиме стандардот на граѓаните, но истовремено и ликвидноста на компаниите. За нас се сите важни, и граѓаните и стопанството.

Дека мерките што ги носиме се исправни покажуваат и фактите што се пред нас, што неколку месеци наназад, поточно последните три, инфлацијата опаѓа. Сметам дека ќе ја намалиме на едноцифрена бројка во наредните месеци, а ако трендот на намалување продолжи и во наредните месеци и по летото, можно е да одиме и под 7.1%“, изјави премиерот Ковачевски, при посетата на компанијата „Левидиагро ДООЕЛ“ од Кочани.

Притоа, премиерот Ковачевски потенцираше дека се направени корекции на цените на зеленчукот и овошјето, чии цени беа замрзнати или намалени претходниот период, сè со цел да се најде баланс и во интерес на сите засегнати. Премиерот Ковачевски најави дека контролите на инспекциите во врска со цените и пласманот на прехранбените продукти ќе продолжат, а дека ќе се носат мерки за непречено снабдување на граѓаните.

Премиерот Ковачевски се осврна и на мерките за поддршка на нашето производство на храна.

„Конкретно за производството на ориз, за 300 отсто ги зголемивме субвенциите за производство на ориз. Денес имаме највисока историска откупна цена на оризот којашто се движи од 36 и 38 денари за откупен килограм. Навремено ги исплативме субвенциите за полјоделците и за 2.364 производители на ориз, а добија и зелена нафта со зголемен износ од 1.600 денари по хектар. Воведовме посебна мерка за набавка на комбајни за жнеење на ориз, како и мобилни сушари за ориз. Воведовме нова мерка од Програмата за рурален развој, со која им помагаме на откупувачите и преработувачите на бел ориз да го зголемат извозот и да ги намалат трошоците за амбалажа којашто е мерка воведена прв пат во нашата држава. Оризовата арпа достигна највисока рекордна откупна цена која се движи од 36 до 38 денари и вчера се исплатија 32 милиони денари (520.000 евра) кон 1.036 оризопроизводители за дополнителните три денари по килограм за произведена и предадена оризова арпа во преработувачки капацитет“, истакна премиерот Ковачевски.