Клековски: Доктори кои не се епидемиолози и инфектолози да не даваат совети заради лајкови

Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше граѓаните да ги следат исклучиво официјалните информации и препораки во врска со состојбата со водата за пиење во Гостивар. Тој ги повика и лекарите кои не се епидемиолози или инфектолози да не шират непроверени совети, како што рече, за „лајкови и кликови“.

„Би замолил да нема слободни јавачи на епидемијата. Гледам и доктори кои не се, условно кажано, епидемиолози и инфектолози, даваат различни совети и мислења. Знам дека вакви состојби се популарни за кликови и собирање лајкови, но ги повикувам граѓаните да ги следат официјалните упатства и канали. Ние постојано ја следиме состојбата“, изјави Клековски.

Тој нагласи дека во анализите на водата се вклучени и експерти од Клиниката за инфективни болести, која располага со најширок панел за детекција на бактерии и вируси.

„Водата ќе биде пуштена во употреба само кога ќе биде апсолутно безбедна. Засега не се утврдени агенси што би укажувале на промена на клиничката слика. Според досегашните резултати, станува збор за вируси кои веднаш предизвикуваат симптоми како стомачни тегоби и треска“, рече министерот.

Во меѓувреме, продолжува да опаѓа бројот на нови пациенти со симптоми на гастроентеритис во Гостивар. Во текот на понеделникот во Општата болница биле извршени 183 прегледи, што е за 38 проценти помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 289 прегледи.

Пад е забележан и во Здравствениот дом Гостивар, каде бројот на пациенти се намалил од 315 на 18 јули, на 275 на 19 јули, а потоа на 110 на 20 јули, што, според Клековски, укажува дека состојбата постепено се стабилизира.