Заедничка карактеристика на сите власти во Македонија од осамостојувањето па наваму е неразбирањето на суштината на поделбата на власта и потребата од вистинска независност на судската власт. Освен реторички, сите досегашни партии на власт се обидувале судството и јавното обвинителство да ги искористат за дневнополитички цели, третирајќи ги како своевиден дел на управната власт. За èволја на вистината, на овој план посебно се истакнува партијата ВМРО ДПМНЕ, која и јавно говори за тоа дека самиот факт што победила на избори ú дава за право да управува со сите сегменти на државата и општеството. Премиерот јавно објавува војна против судиите и обвинителите, кои според него се главни виновници за слабиот успех во борбата со криминалот и корупцијата.
Овој чуден конфликт помеѓу извршната и судската власт, вклучувајќи го и јавното обвинителство, во последно време доживува кулминација, при што се прави огромен притисок да се покажат резултати во борбата со криминалот и корупцијата, на начин на кој што тоа го очекува власта, а тоа е да се осудат што е можно поголем број претставници на претходната власт.
СЛУЧАЈ „МАЗУТ ОД ТЕЦ НЕГОТИНО“
Случајот „Мазут“, кој што е особено актуелен деновиве, може да послужи како илустрација за ова. Предметот е со очигледни политички импликации, при што притисокот и влијанието на власта е отворен и нескриен. Обвинетите се товарат за наводна злоупотреба на процедурите за јавни набавки во услови на енергетска криза. За волја на вистината и покрај секојдневното експонирање на случајот, воопшто не е јасно во што се состои криминалот и која е вистинската штета од истиот. Посебно е контроверзно што тврдењата се сосема различни и одат во крајности, од немање штета до милионски суми. Јавното обвинителство инаку веќе некое време оди по некоја чудна логика што кај јавните набавки како штета ја зема целокупната сума на јавната набавка (бизнисот), а не вистинската штета. На ова се додава и обвинение за перење пари, кое е сосема нејасно и произволно што во практиката создава нови контроверзии околу тоа што е воопшто перење на пари.
По цела година истрага, Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, ја запре истражната постапка со образложение дека не се најдени докази за криминал, ниту е утврдена било каква штета за компанијата или буџетот. Ваквата одлука предизвика лавина од реакции на дневна основа со напади и дисквалификации од повеќе високи владини и партиски функционери. Сите овие изразија згрозување и несогласување со ваквата одлука, па следуваа барања за одговорност, оставки и преиспитување на одлуката. Премиерот не го криеше ни тоа дека лично му се јавил на Државниот обвинител да се распраша и да ургира за случајот. Истовремено голем притисок е извршен и врз компанијата ЕСМ, со цел таа да изјави жалба на ваквата одлука, кое право оштетениот го има според Законот.
Инаку прашањето на штетата и оштетеното побарување на ЕСМ се доста контроверзно прашање. Имено, наспроти тврдењето на МВР во кривичната пријава, дека ЕСМ претрпела загуба во износ од 167.000,000,00 евра, претставниците на оваа компанија сослушани во постапката пред јавниот обвинител во рамки на истражната постапка изјавиле дека штета нема! Овие околности се битни и за тоа дали компанијата воопшто може да се жали до повисокиот јавен обвинител, под услови дека штета не е предјавена. Со тоа компанијата правно го губи правото што го имала како потенцијален оштетен. Според нашиот правниот систем, постапката за штета што се води заедно со кривичната постапка, се води по правилата на граѓанската постапка, според која ако оштетениот се откаже од правото на имотно правно побарување, таа постапка се запира. Па така, наместо правно експертски полемики и анализи на одлуката за запирање на истрагата, во јавноста имаме вистинска политичка хајка кон обвинителката Коларевиќ и нејзиниот претпоставен Абази (шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција).
Останува да видиме што ќе одлучи Вошото јавно обвинителство по жалбата на ЕСМ. Може да ја отфрли како недозволена (ЕЦМ нема предјавено штета!), да ја потврди одлуката на ЈООКК или да ја уважи и да бара продолжување на постапката. Последново е исто така спорно, ако се знае дека вештачењето на ЈООКК не утврдило штета. ЗКП навистина допушта во определени ситуации вештачењето да се врати на доработка, но тоа ЈООКК требало да го направи кога го добило, а не сега, откако донело одлука.
Спорно е и тоа дали обвинетите имаат право на свое гледање на аргументите со оглед на тоа дека прашањето за нив е многу важно! Од друга страна, не би било ни фер обвинетите да трпат заради пропусти што ги правеле обвинителството и наводно оштетените. Имено, сега се спори својството на претставниците на ЕСМ во постапката пред ЈО. Демек биле само технички лица кои наводно не биле овластени да се изјаснат за штетата (што инаку експлицитно го направиле!).
Од сето ова, може да се заклучи дека условите во кои што се одвива целата постапка се далеку од стандардите за фер судење и со отворен притисок врз правосудните органи. Во исто време бројните изјави на функционери во јавноста брутално го повредуваат начелото на пресумпција на невиност на обвинетите, како и начелото на самостојност на јавното обвинителство.
Проф. Д-р Гордан Калајџиев, Редовен професор на Правниот факултет во Скопје