
Обвинителката Искра Хаџи Василева е победничка на денешните избори за шеф на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција
Од првично обработените гласачки ливчиња, Хаџи Василева освоила најголема поддршка од обвинителите кои денеска гласаа за избор на нов раководител на ова обвинителство.
На денешните избори право на глас имаа вкупно 187 јавни обвинители од целата држава, кои преку непосредно и тајно гласање избираа меѓу петмина кандидати.
Покрај Хаџи Василева, во трката учествуваа и Фатон Азизи од Обвинителството за организиран криминал, Трајче Пеливанов и Јован Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје, како и Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје.
Гласањето се одвиваше од 8 до 16 часот, а резултатите треба да бидат сумирани и официјално соопштени на јавна седница. Изборот се спроведува поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат.
Петмината кандидати на 13 октомври ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители, а меѓу главните приоритети беа зајакнувањето на финансиските истраги, борбата против корупцијата и поголемата независност на Обвинителството.