Започнува изградба на зграда кај хотел „Јадран“ во строгиот центар на метрополата

Зграда на пет ката наскоро ќе никне во паркот кај хотел „Јадран“ во строгиот центар на Скопје, пишува порталот СДК.мк

Според информациите, парцелата веќе е заградена со метална ограда и поставена е табла со податоци за инвеститорот и градбата. Со тоа, паѓаат во вода сите напори на станарите од околните згради да се заштити паркот и да се спаси последната зелена површина во Мал ринг.

Градител на зградата е фирмата „Сколимекс“, а одобрението за градба е издадено од Општина Центар на 2 ноември 2017, кога на функција уште беше градоначалникот Саша Богдановиќ.

Жителите кои живеат во непосредна близина поднесоа жалби до Второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски, но тие беа одбиени. Со тоа беа исцрпени сите правни средства кои стојат на располагање да се стопира градбата, пишува СДК.мк.

Зградата во паркот е предвидена со измените на Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ во 2012, кога градоначалник беше Владимир Тодоровиќ и кога на секоја слободна парцела во центарот беа нацртани згради и објекти од „Скопје 2014“.

Општина Центар во рамките на процесот на мораториум не успеа да го смени планот „Мал ринг“, а откако беше поништен од Уставен суд, градителите слободно можат да се бараат дозволи за градба според она што е нацртано во 2012, во времето кога локална и централна власт беше ВМРО-ДПМНЕ.