Ердоган: Запрете ја војната во Иран пред целиот регион да „изгори“

Турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека војната во Иран мора да биде запрена пред целиот регион да „изгори“ и додаде дека треба да ѝ се даде шанса на дипломатијата.

Турскиот претседател Таип Ердоган изјави дека војната во Иран мора да биде запрена пред целиот регион да „изгори“ и додаде дека треба да ѝ се даде шанса на дипломатијата.

Минатата недела, воздушната одбрана на НАТО пресретна две ирански ракети над јужна Турција, каде што се наоѓаат воздушните и радарските бази на НАТО и САД, кои оттогаш се засилени.

„Војната треба да биде запрена пред да се прошири и да го запали целиот регион. Ако ѝ дадеме шанса на дипломатијата, многу е веројатно дека тоа ќе биде постигнато“, изјави Ердоган пред парламентот.

„Земајќи ја предвид чувствителноста на моментот во кој се наоѓаме, нашите зборови се многу внимателни, нашите постапки се внимателни со цел да ја заштитиме Турција од огнот што ја опкружува“, додаде претседателот Ердоган и истакна дека Анкара е во контакт со сите страни со цел да се стави крај на војната.

Турција понуди медијација пред почетокот на американско-израелските напади пред дванаесет дена.

Оттогаш, Ердоган постојано повикува на дипломатско решение на војната, предупредувајќи дека Турција ќе одговори на секоја закана за нејзината национална безбедност.

Ердоган ги критикуваше американските, израелските и иранските потези и ја нарече американско-израелската операција „очигледно кршење“ на меѓународното право. Сепак, како и повеќето светски лидери, тој не го спомена експлицитно американскиот претседател Доналд Трамп, со кого има добри лични односи.