Европскиот фронт бара пратенички потписи за уставни измени

Европски фронт започнува иницијатива за потписи за уставни измени и ги повика пратениците да дадат поддршка. Од Вреди иницијативата ја отфрлија како несериозна

Пратениците од Европскиот фронт во Собранието најавија иницијатива за собирање пратенички потписи за иницирање на уставни измени, повикувајќи се на уставната можност според која предлог за измена на Уставот може да поднесат најмалку 30 пратеници.

„Упатуваме повик до сите пратеници во Собранието и од парламентарното мнозинство и од опозицијата, како и до сите политички партии кои ја гледаат иднината на државата во Европската Унија, да ја поддржат оваа иницијатива со свој потпис. Ова не е прашање на партиски интереси, туку суштинско прашање за стратешката ориентација и иднината на државата“, изјави Блерим Беџети од ДУИ.

Две години блокада на евроинтегративниот пат
Тој нагласи дека Македонија изминатите две години се наоѓа во целосна блокада на евроинтегративниот процес, без реален напредок.

„Регионот оди напред – Црна Гора е во напредна фаза на преговори, а Албанија ги има отворено сите преговарачки кластери. Северна Македонија ризикува да заостане поради недостиг на политичка одлука и државничка одговорност“, порача Беџети.

Тој упати посебен повик до пратениците од владејачката Вреди (Влен) да ја поддржат иницијативата и, како што рече, да ги материјализираат ветувањата дадени пред граѓаните за продолжување на европскиот пат.

Според пратениците од Европскиот фронт, блокираниот статус не го загрозува само процесот на евроинтеграција, туку и стратешката стабилност на државата, вклучително и темелите поставени со Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.

Македонско собрание, Устав, 11 јануари 2019
Иницијатива за собирање пратенички потписи за иницирање на уставни измениФотографија: Reuters/T. Georgiev

Вреди: Несериозна иницијатива и сатирична пародија

Од Вреди иницијативата на ДУИ ја оценија како несериозна и самосаботирачка, посочувајќи дека таа повеќе наликува на, како што велат, „сатирична пародија“ отколку на одговорен политички предлог.

„ДУИ сериозно ја навредува ЕУ и Албанците кога Блерим Беџети зборува за европски вредности“, соопшти ВЛЕН, наведувајќи дека неговото политичко минато е спротивно на тие вредности.

Според нив, Владата е фокусирана на Реформската агенда, која, како што тврдат, добива признание од Брисел и претставува сериозен пристап кон европската интеграција.

Лого на коалицијата Вреди
Од Вреди иницијативата на ДУИ ја оценија како несериозна и самосаботирачка, посочувајќи дека таа повеќе наликува на, како што велат, „сатирична пародија“ отколку на одговорен политички предлог.Фотографија: Vlen

Подготвеност за дијалог со Бугарија

Иницијативата на ДУИ доаѓа по изјавата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој за „Еуроњуз“ на бугарски јазик оцени дека Владата во изминатата година нема спроведено значајни реформи и дека земјата стагнира.

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека извештајот кој тој го видел е спротивен на тврдењата на Вајц. „Извештајот што го прочитав е целосен антипод на тие изјави“, рече Мицкоски.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека е подготвена за комуникација и идни политички разговори со Бугарија, нагласувајќи дека стабилните институции и легитимната власт се предуслов за суштински дијалог.

Таа потврди дека остварила контакт со Румен Радев, изразувајќи меѓусебна подготвеност за разговори, и оцени дека политичката стабилност во Софија отвора можност за посериозен билатерален дијалог меѓу двете држави.

Преземено од DW