Новиот македонски премиер – Димитар Ковачевски утринава ја презеде функцијата и кабинетот од досегашниот прв човек на Владата – Зоран Заев.
Примопредавањето на функцијата се одржа во зградата на Владата, на Илинденска број 2.
Новата Влада предводена од Ковачевски која беше избрана доцна синоќа, неколку минути пред полноќ во Собранието, со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани.
Пред пратениците Ковачевски рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој посочи дека не се потребни нови избори, најавувајќи зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата, како и реформи во образованието. Говорејќи за спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.
Расправата за избор на новата влада во Парламентот траеше два дена.
Владата на Ковачевски брои 21 член – од СДСМ 11, ДУИ шест, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП.