
Денови на медиумска писменост од денеска до 2 ноември со мото „Сите имаме своја улога“
„Сите имаме своја улога“ е мотото на Деновите на медиумска писменост 2026, кои ќе се одржуваат од денеска до 2 ноември во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и Мрежата за медиумска писменост.
„Сите имаме своја улога“ е мотото на Деновите на медиумска писменост 2026, кои ќе се одржуваат од денеска до 2 ноември во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и Мрежата за медиумска писменост.
На прес-конференција заменик-директорот на ААВМУ, Мухамер Беќири, рече дека со ДМП 2026 нашата држава се приклучува кон глобалното одбележување на Неделата на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО и најави повеќе настани – работилници и обуки, конференции, кои ќе се реализираат во Скопје, Гостивар, Струмица, Битола, Велес, Струга и Тетово, како и дебата во Собранието. Ќе бидат презентирани и резултати од истражување со препораки, промовирани иновативни начини за поголемо присуство на медиумската писменост во образованието и медиумите, како и вештини како да се заштитиме во онлајн-просторот и како да ја употребуваме вештачката интелигенција.
– Од денеска до идниот понеделник, повеќе членки на Мрежата за медиумска писменост осма година по ред се обединуваат во заедничкото настојување да придонесуваат за зајакнувањето на медиумската писменост во нашето општество, особено за развојот на критичкото размислување, кое е најважната одбрана од дезинформациите и манипулациите. Клучната порака годинава е секој поединец, секоја организација, институција, секој медиум, со еден збор – секој од нас – да размисли како може да придонесе за да бидеме сите повешти во препознавањето на злонамерните или неточните информации, како времето поминато пред екранот да го употребиме корисно, како можностите што ги нуди вештачката интелигенција да ги искористиме за добробит, рече Беќири за ДМП 2026, за кои информации за сите настани ќе има на веб-страницата mediumskapismenost.mk и на профилите на Мрежата за медиумска писменост на Фејсбук и Инстаграм.

Поддржувач на Деновите на медиумска писменост 2026 и годинава е Делегацијата на Европската Унија во Скопје, која ќе ја претстави интерактивна игра „Бегство од лажните вести“ (Escape Fake), осмислена преку програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.
Лучано Скамбјато Личарди, тим лидер за комуникации и печат од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, на прес-конференцијата рече дека од денеска до 30 октомври во сите европски куќи (Europe House) ќе има работилници за средношколци и тие ќе може да ги испробаат своите критички вештини преку играта – ќе решаваат загатки, ќе истражуваат каде се дезинформациите и ќе научат како функционира медиумска манипулација наместо да слушаат предавања за дезинформациите.
Играта е бесплатна за секого, рече претставникот од Делегацијата на ЕУ, и отсега е достапна и на македонски и на албански јазик, покрај повеќе други јазици од Европа. Како што рече, тоа е мал но значаен чекор образованието за медиумска писменост да го направиме попристапно за сите и ги покани и наставниците, родителите и сите заинтересирани да пристапат до играта преку страниците на Европска куќа (Europe House).
Личарди порача дека не можеме да го контролираме сето она што ќе ни се појави на екраните, но можеме, рече, да бидеме повнимателни за она во што ќе поверуваме и ќе го споделиме.
-Проблемот е во тоа што не сè што гледаме онлајн е она што изгледа. Едно убедливо видео, наслов што звучи интересно или фотографија извадена од контекст лесно може да нè наведат на погрешен пат, а со вештачката интелигенција сè потешко станува да се разграничи она што е вистинито од она што не е вистинито. Ова е особено важно за младите луѓе кои се постојано опкружени со информации. Токму тоа е сржта на медиумската писменост – не на луѓето да им кажеме во што да веруваат и што да мислат, туку да им помогнеме да го преиспитаат она што го гледаат, да го проверат изворот и самите да дојдат до свој заклучок, истакна Личарди.
По официјалното отворање на Деновите, следуваше презентација на истражување на медиумската писменост кај средношколци. Се работи за второ истражување на ААВМУ кај иста генерација средношколци кои на првото истражување биле прва и втора година средно, а сега се трета и четврта година.

Посочувајќи дека медиумската писменост се мери на сложен начин, зашто има различни сегменти, координаторката на Мрежата за медиумска писменост, Емилија Петреска-Камењарова, рече дека нивото на критичко размислување е најважен сегмент и оти второто истражување покажало пораст од неколку проценти, особено кај препознавањето на фактите, дезинформациите, говорот на омраза, препознавањето на насловите „јадици“ итн.
-Има напредок, но ова е квантитативно истражување и не можеме да кажеме на што се должи. Веројатно има влијание и училиштето, како еден од изворите на информирање, веројатно влијание има и од семејството, а веројатно има влијание и тоа што пораснале. Но, клучен заклучок е дека и училиштата, но јас би рекла и надвор од нив, мора да работиме континуирано на градење на медиумската писменост, на развивање на нивото и, како што вели мотото – сите да ја играме својата улога – и како делови од институции и организации, но и секој од нас како индивидуа, рече Петреска-Камењарова.