Во Собранието денеска напладне продолжува расправата за избор на новата Влада

Денеска напладне пратениците во македонското Собрание ќе ја продолжат 60-та седница со единствената точка на дневен ред – избор на новата влада.

Мандатарот Димитар Ковачевски вчера пред пратениците ја презентираше програмата за работа на новата влада, која ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.

Фокусот на новата влада, како што најави Ковачевски, е создавање поголем и одржлив раст на економијата во следните две и пол години. Тој во вчерашното експозе во Собранието најави удвојување на економскиот раст, и раст на БДП до 5 отсто. Главен предизвик во економијата, како што рече, и натаму останува соочувањето со негативните ефекти од пандемијата и енергетската криза. Најави дека минималната плата ќе продолжи да расте што ќе придонесе за раст и на просечната плата.

Зголемување на пензиите ќе биде исто така една од првите одлуки на новата влада. Новата влада, како што посочи мандаторот, има план за соочување со економската и енергетската криза.

„Владата ќе спроведе стратегија која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси и одржливост на енергетскиот систем. Фокусот на обновливите извори на енергија и ефикасното искористување на расположливите природни ресурси, како што се сонцето, ветерот и водата претставуваат основа на македонската енергетска револуција“ – рече Ковачевски.

Тој порача и дека разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, но никој не смее и нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ.

Од страна на пратениците од опозициските и владејачките партии можеа да се чујат потполно спротивставени ставови во врска со составот, програмата и политиките на новата влада.

Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов денеска до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.