Петков: Доаѓам со подготвеност за нов почеток – да ги исчистиме сите оние кои заработуваат на грбот на нашите народи

Премиерот на Бугарија, Кирил Петков кој во вторник доаѓа во земјава, на средби со новата Влада, во интервју за македонската агенција МИА вели дека со себе не носи никаков анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, туку доаѓа со конструктивен тон и подготвеност за еден нов почеток, кој ќе биде подинамичен, попрактичен, ослободен од досегашните декларативни заложби и насочен кон конкретните важни прашања кои го задираат секојдневието на граѓаните на двете земји.

Петков, кој ќе е прв странски државник во посета на С. Македонија, по изборот на новата Влада кое се очекува денеска да се верификува во Собранието, вели дека доаѓа со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно

„Доаѓам со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа. Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог, да имаме чувство на меѓусебна доверба и дека од двете страни има добри намери и да си ги поставиме целите, кои што сакаме да ги постигнеме за максимално краток период“ – вели Петков.

Тој го оцени како мошне конструктивен телефонскиот разговор, што го имал со мандатарот Димитар Ковечевки и изрази уверување дека тие двајцата како луѓе од економската и бизнис сферата имаат слична енергија за да ги придвижат работите.

„Ние треба постојано да комуницираме, да напредуваме. Моите надежи се дека во следните месеци реално и тоа се обидувам да го договорам за време на нашата посета, кога ќе дојдам е да ги направиме тие пет работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја. Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Република Северна Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија. На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно“ рече Петков.

Во интервјуто за МИА говореше и за роковите за решавање на спорот.

„Всушност можеме за времето за кое ќе си ја завршиме работата. Јас тоа сакам да го кажам. Значи сега ако кажам одреден рок, шест месеци, почнуваме со истата декларативност. Треба да видиме какви се прашањата, како ќе ги решаваме. Рокот зависи само единствено од подготвеноста секоја од страни да си подаде рака и заедно да ја завршиме работата. Јас сметам дека еден пријателски, конструктивен пристап треба да може да ги решава и лесните и потешките теми. Но, затоа најважно е да имаме доверба и таа доверба се надевам дека ќе ја изградиме и тоа со оние работи кои ги правиме заедно“ – нагласи Петков.

Ги спомена и „деструктивните сили“ и во С. Македонија и во Бугарија, кои тежнеат кон назадување и работат против добрососедството.

„Ние треба да ги исчистиме сите оние кои заработуваат на грбовите на нашите народи. Затоа што има една мала група на луѓе, кои преку корупцијата заработуваат на сметка на сите останати. И јас мислам дека тие се дел од деструктивните елементи кои се поврзани и кои го поставуваат прашањето дали е добро или не е добро добрососедството меѓу двете земји“ – вели Петков.