Песков: Русија и Западот се на различни колосеци!

Дмитриј Песков – портпаролот на Кремљ за „Си-Ен-Ен“ вели дека Русија, од една страна, и САД и НАТО од друга страна, се на многу различни колосеци, што е причина за загриженост.

„Има одредено разбирање меѓу нас. Но, генерално, во принцип, сега можеме да кажеме дека остануваме на различни патеки, сосема различни колосеци. И ова не е добро, ова е загрижувачки“ – вели Песков за резултатите од последните разговори.

Тој ја повториува потребата Русија да добие законски обврзувачки гаранции дека Украина нема да влезе во НАТО, бидејќи во спротивно Киев ќе има легитимна можност да се приклучи на Алијансата. Песков ги отфрла обвинувањата за наводната намера на Русија да ја милитаризира ситуацијата со Украина, додавајќи дека САД досега не обезбедиле никакви докази за таквите тврдења.

Во врска со извештаите дека Русија „планира воена ескалација или напад врз Украина“, Песков одговори дека „прво, можете сами да видите дека тоа не се случува. Второ, синоќа слушнавме дека Џејк Саливан (советникот за национална безбедност на претседателот Бајден) вети дека во рок до 24 часа ќе ги открие доказите за овие наводи, а, ако не се лажам, ние се уште ги чекаме. Знаете, живееме во свет на лажни обвинувања, лажни вести, свет на лаги“.