
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче со своето политичко делување го блокираат евроинтегративниот пат на државата, оценувајќи дека нивните позиции се мотивирани од поранешниот лидер Зоран Заев. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче делува под влијание на Заев и дека неговите јавни настапи се засилени по неодамнешните политички случувања.
„Зоран Заев инспирација и мотив за политичкото делување на Венко Филипче, кое секако не е во корист ниту на СДС, ниту на државата“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се наведува дека Филипче, како што тврдат, отстапил од претходните ставови поврзани со заканите за напуштање на Собранието доколку се укине техничката влада.
„Од толку прес-конференции и јавни појавувања, почна и да ретерира од партиските ставови, конкретно од заканите кои ги упати пратеникот Митко Трајчулески, дека ако се укине техничката влада, ќе излегле од Собрание и нема да учествуваат во изготвувањето на реформските закони“, се наведува во соопштението.
Од партијата оценуваат дека ваквото повлекување е позитивен чекор, но истовремено тврдат дека СДС и понатаму се спротивставува на реформите.
„Тоа што се потврдува и што е неспорен факт, СДС и Филипче никако да направат нешто добро за Македонија, за своите лични, партиски и бизнис интереси, се противат на сѐ што значи реформа и напредок на државата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, заканите за напуштање на Собранието и работните групи за реформските закони директно влијаат врз процесот на усогласување на законодавството со Европската Унија.
„Со ваквото служење на Заев, наместо на државата, се покажува дека СДС и Филипче поддржуваат корупција, криминал, национални предавства“, се додава во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека ваквото политичко однесување, според нив, го забавува напредокот на државата кон Европската Унија и претставува сериозна пречка за реформските процеси.
Од СДСМ одговорија дека изјавите на Мицкоски, во кои наведува дека нема да отстапи од ставот за уставните измени и дека државата може да чека со децении, се спротивни на европските барања.
„Мицкоски јавно и јасно изјави дека нема да отстапи ниту милиметар и дека Бугарите нема да влезат во Уставот, што е основа за продолжување на преговорите. Нема продолжување на преговорите додека не се внесат малцинствата во Уставот – јасна е пораката на Европа“, соопштија од СДСМ.
Партијата посочува дека станува збор за европско, а не билатерално прашање.
„Ова не е бугарско прашање, туку европско прашање“, наведуваат од СДСМ.