Братот на Пол Погба приведен – се започна со „магијата“ на Мбапе

Матијас Погба – постариот брат на францускиот фудбалер Пол Погба и уште три лица се приведени во рамките на истрагата за изнуда на фудбалерот на Јувентус, објави „Франс прес“.

Извор на АФП близок до полицијата потврди дека Матијас Погба е приведен, додека друг извор изјави дека тројца од приведените се пријатели или роднини на браќата Погба.

Од четворицата осомничени сослушани од истражителите, на еден во вторник му е одреден полициски притвор, а на тројца денеска, изјави судски извор, потврдувајќи ги информациите од весникот „Монд“.

Ова полициско приведување е одредено како дел од истрагата отворена на 2 септември во Париз.

Случајот започна со тужба поднесена од Пол Погба до канцеларијата на јавното обвинителство во Торино на 16 јули, во која тој наведе обид за изнуда од март до јули 2022 година во износ од неколку милиони евра.

Сепак, целиот случај излезе во јавноста дури на 27 август кога Матијас Погба, кој исто така е фудбалер, на социјалните мрежи објави „големи откритија“ за неговиот брат, агентот на Пол, Рафаел Пимента и фудбалерот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе.

Пол Погба за време на неговото прво сослушување изјави дека бил заробен од неговите пријатели од детството и двајца мажи со качулки вооружени со пиштоли, обвинувајќи го дека не им помагал финансиски.

Од него барале 13 милиони евра, а Погба на истражителите им рекол дека им платил 100.000 евра.

Пол Погба тогаш тврдеше дека меѓу осомничените го препознал својот постар брат Матијас.

За време на второто рочиште, тој им кажа на истражителите дека Матијас бил „под притисок“ од луѓе кои сакале да извлечат пари од него.

Минатата недела, Матијас Погба, преку неговиот адвокат, рече дека не знае ништо за обидот за изнуда од неговиот брат Пол и дека „повеќе од сè“ сака да му ги олесни работите на својот брат.

Во овој случај се споменува и името на ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе.