Бомгартнер: Макрон може да преземе чекори за олеснување на дијалогот Скопје – Софија

„Може да се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, да преземе иницијатива за придвижување на работите“. Ова во интервју за „360 степени“ го изјави францускиот амбасадор во земјава – Сирил Бомгартнер. Тој не откри за што конкретно се работи, но потенцираше дека почнувањето на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија е нешто што сите го посакуваат.

„Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат“ – рече Бомгартнер.

Потенцира дека во Северна Македонија се зборува на македонски јазик и нема никакви дилеми во врска со тоа.

„Никој не ќе може да им наметне на двете земји да усвојат нешто што нема да им одговара и што ќе бара поместување од црвените линии. Во рамки на тие параметри треба да се напредува, да се изнајде решение, а откако ќе се постигне тоа, ќе треба да се договориме за Преговарачката рамка, која ќе овозможи отворање на преговорите за членство, без одолговлекување“ – рече Бомгартнер.