
Американскиот државен секретар Антони Блинкен попладнево пристигна во Турција, каде ќе му ја изрази поддршката на САД на својот сојузник, уништен од земјотресот во кој загинаа повеќе од 46.000 луѓе.
Блинкен, кој дојде од Минхен каде што учествуваше на Конференцијата за безбедност, слета во воздухопловната база Инџирлик во југоисточна Турција.
За утре е предвидена средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Како што јавува Ројтерс, на средбата меѓудругото ќе се разговара и за кандидатурите на Шведска и Финска за членство во НАТО, кои Турција одбива да ги ратификува.
По земјотресот, САД испратија тим за спасување во Турција, медицински материјали, градежна механизација и хуманитарна помош во вредност од 85 милиони долари, од кои дел е наменета и за Сирија.