
Само ден и половина по активирањето на системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Велес, камерите евидентирале вкупно 151 сообраќаен прекршок.
Според податоците што ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во саботата биле регистрирани 124 прекршоци, додека до денеска напладне биле евидентирани уште 27.
Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на возење со брзина поголема од дозволената. Значително помал е бројот на прекршоци за минување на црвено светло, при што биле регистрирани само три до четири вакви случаи.
Системот го опфаќа подрачјето на СВР Велес, односно Велес, Кавадарци, Неготино и Демир Капија.
Во Велес е ставен во функција и команден центар од кој се следи работата на системот „Безбеден град“. Центарот е сместен во реконструирани простории кои претходно ги користело Министерството за одбрана.
Тошковски изјави дека целта на системот е да придонесе за поголема сообраќајна дисциплина и намалување на бројот на тешки сообраќајни несреќи.
Говорејќи за состојбата на патиштата, министерот посочи дека во првите осум месеци од минатата година во сообраќајни несреќи загинале 96 лица, додека во истиот период годинава биле регистрирани 61 жртва.