Јавна дискусија за улогата на украинската литература ќе се одржи во „Europe House“
„Може ли книгата да го промени светот?“ е темата на јавната дискусија што денеска ќе се одржи во „Europe House“, во организација на издавачката куќа „Сакам книги“, во рамки на проектот „Со љубов, од Европа“, финансиран преку програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

На настанот ќе учествуваат украинскиот конзул во Македонија Иван Примаченко, претседателот на Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“, Александар Орбанович, и преведувачката Вера Чорниј-Мешкова, кои ќе разговараат за значењето на литературата во зачувувањето на културниот и националниот идентитет, улогата на мајчиниот јазик и книгата како средство за поврзување на луѓето и културите.
По повод иницијативата, „Сакам книги“ донира 300 книги на украински јазик во библиотеки во Скопје, Делчево, Кавадарци и Штип, како и во Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“.
Од издавачката куќа информираат дека иницијативата има цел да ја направи украинската литература подостапна за украинските граѓани што живеат во земјава и да придонесе за зачувување на нивниот јазик, култура и книжевно наследство, особено за децата и семејствата кои поради војната ја напуштиле својата татковина.
Во рамки на проектот се обезбедени вкупно 500 книги на украински јазик, од кои 300 се наменети за библиотеките и здружението, додека преостанатите 200 ќе бидат достапни за продажба во книжарниците на „Сакам книги“ во Скопје.