
Четири лица починаа од западно-нилска треска во Грцијa
Четири лица со западно-нилска треска починаа во Грција, а вкупно се потврдени 42 случаи, од кои половина се регистрирани во изминатата недела, објави Националната организација за јавно здравје (EODI), пренесуваат медиумите во регионот.
Четири лица со западно-нилска треска починаа во Грција, а вкупно се потврдени 42 случаи, од кои половина се регистрирани во изминатата недела, објави Националната организација за јавно здравје (EODI), пренесуваат медиумите во регионот.
Според написите, EODI во својот неделен извештај наведува дека 37 од заразените пациенти имале симптоми на заболување на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна блага парализа), а во пет случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.
„Од 29 јули 2026 година, имало четири смртни случаи кај пациенти заразени со вирусот кои имале зафатеност на централниот нервен систем. Сите починати биле постари од 65 години, со просечна возраст од 75 години (опсег, 66 до 91 година)“, се вели во извештајот на EODI.
Од заразените, 13 се хоспитализирани, а 25 се отпуштени од болница, при што најголемиот дел од случаите (вкупно 35) се регистрирани во регионот на Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите во регионот на Тесалија и централна Грција.
Првиот случај на инфекција оваа сезона во Грција е регистриран на почетокот на јули.
Вирусот, кој се пренесува преку комарци, беше присутен во Грција во текот на летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 година до денес.
Најголем број случаи имаше во 2018 година, со вкупно 317, а најголем број смртни случаи беше регистриран и во истата година – вкупно 51.
Минатата година во Грција беа регистрирани 96 случаи, а девет лица починаа од западно-нилска треска.