
Превртени покриви, откинати делови и слични предмети летаа откако силен ветер оддеднаш го зафати Скопје иако дивеењето не траеше повеќе од десет минути.

Од ветрот граѓани не можеа да се движат по улиците, а и беше опасно од прашината, дрвјата што паѓаа и разните предмети. На тоа уследи обилен дожд кој ги прекри улиците.

Невремето беше најавено, но сепак предизвика проблеми во повеќе населби. Според првичните информации, на одредени локации има и прекин на електричната енергија.

Поради најавените временски непогоди, Кризниот штаб на Град Скопје одржал состанок, а надлежните служби се ставени во состојба на целосна мобилност и се на терен, подготвени да интервенираат доколку се појават поголеми последици.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски претходно информираше дека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ интензивно ги расчистуваат сливниците, шахтите и канализациската мрежа со цел непречено одведување на атмосферските води и намалување на ризикот од поплави на критичните точки во градот.

Од Град Скопје упатија апел до граѓаните да не фрлаат отпад во сливниците и шахтите, бидејќи тоа може да го попречи одведувањето на дождовната вода и да предизвика дополнителни проблеми.

Надлежните препорачуваат граѓаните да бидат внимателни во сообраќајот, да избегнуваат движење под дрвја и нестабилни конструкции за време на невремето и редовно да ги следат известувањата од институциите.

Градоначалникот се јави и по невремето уверувајќи ги граѓаните дека службите се подготвени.

„Заедно со Кризниот штаб и екипите на јавните претпријатија сме на терен! Почитувани граѓани, поради силното невреме што пред малку го зафати Скопје, кризниот штаб на Град Скопје, заедно со сите надлежни служби и јавни претпријатија, е целосно мобилизиран и подготвен за брза и навремена интервенција. Во постојана координација сме со ЦУК, МВР, ЕВН, Противпожарната бригада на Град Скопје и со сите надлежни институции. Сите расположливи капацитети се ставени во функција, за заштита на граѓаните и спречување поголеми штети и последици.
Екипите на Град Скопје ќе останат на терен и во текот на целата ноќ и ќе интервенираат на секоја локација каде што ќе има потреба. Сите граѓани на кои им е потребна помош или друга итна состојба, можат да се јават на телефонскиот број 078 207 687. Апелирам до сите граѓани да бидат внимателни и смирени, да ги следат препораките на надлежните институции и да соработуваат со службите на терен. Службите се мобилизирани. Екипите се на терен. Граѓаните не се сами“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Снимател: Бојан Ангелов