Филипче: Намалувањето на ДДВ за горивата е задоцнето и недоволно, потребно е и укинување на акцизата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека најавените владини мерки за намалување на цените на горивата преку намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти се задоцнети и нема да донесат значително олеснување за граѓаните, предлагајќи наместо тоа целосно укинување на акцизата и намалување на ДДВ на пет проценти.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека најавеното намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти е задоцнета и недоволна мерка која нема значително да го подобри животниот стандард на граѓаните. Тој предложи целосно укинување на акцизата и намалување на ДДВ на пет проценти, наведувајќи дека само таков пакет мерки може да доведе до позначително намалување на цените на горивата и индиректно да влијае врз намалување на трошоците за живот.

На денешната прес-конференција, Филипче упати обвинувања кон Владата и премиерот Христијан Мицкоски за, како што рече, изостанок на мерки за поддршка на граѓаните во услови на раст на цените, нетранспарентно трошење јавни средства и оддалечување од европските интеграции. Тој побара надлежните институции да го испитаат трошењето на пет милиони евра поврзани со организацијата на настапот на светскиот диџеј Дејвид Гета на прославата по повод Денот на независноста, а воедно ги повтори ставовите на СДСМ за изборните правила, најави интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и изрази загриженост за состојбите во медиумската сфера и, како што оцени, влијанијата врз демократските процеси во државата.

Според Филипче, растот на цените на горивата и трошоците за живот со месеци не бил проследен со соодветна поддршка за граѓаните.

– Денеска премиерот најавува мерки за намалување на цените на горивата, односно намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти. Сметаме дека овие мерки се многу задоцнети и нема да дадат никаков ефект, односно многу мал. Тоа ќе биде само уште една манипулација, а ништо суштински што граѓаните треба да почувствуваат како олеснување во кризата во која живеат – рече Филипче.

Тој посочи дека, според неговата оценка, од почетокот на годината цените на горивата се зголемени за 50 проценти, а Владата, како што наведе, не понудила мерки за поддршка на пензионерите, студентите, социјално ранливите категории и семејствата со повеќе деца.

– Наш предлог е да се укине акцизата на горивата и ДДВ да се намали од 18 на 5 проценти. За споредба, доколку се применат мерките на Владата, со просечна нето-плата граѓанин ќе може да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со нашите мерки ќе може да купи 621 литар евродизел, односно 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, што е 205 литри повеќе. Со минимална плата, наместо 276 литри евродизел, ќе може да се купат 334 литри, односно 58 литри повеќе. Наместо 288 литри евросупер, ќе може да се купат 398 литри, што е 110 литри повеќе – образложи тој.

Претседателот на СДСМ денеска изјави и дека ставовите на партијата во однос на можни предвремени избори и измените во изборното законодавство остануваат непроменети, при тоа оцени дека тие ќе се одржат кога, како што рече, „ќе нема пари во буџетот да ги трошат на вакви криминални арамиски проекти“. – Очигледно е дека има сѐ уште пари и има некаква проекција и за следните месеци – рече Филипче.

Во однос на Изборниот законик, тој повтори дека СДСМ останува на позицијата да се задржи постојниот начин на обележување на гласачкото ливче, односно со заокружување на бројот пред кандидатот или партијата, а во делот на гласањето на дијаспората, дека се против воведување електронско гласање и гласање по пошта, оценувајќи дека тие модели носат ризик од манипулации.