Се урна зграда во центарот на Атина, шест лица загинаа

По повеќе од 30 часа потрага, спасувачките сили на противпожарната служба на Грција ги пронајдоа и извлекоа од урнатините шесте безживотните тела на исчезнатите четворица туристи и двајца станари по вчерашната експлозија во двокатна зграда во атинската населба Плака, со што и заврши операцијата за пребарување што започна во петокот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

По повеќе од 30 часа потрага, спасувачките сили на противпожарната служба на Грција ги пронајдоа и извлекоа од урнатините шесте безживотните тела на исчезнатите четворица туристи и двајца станари по вчерашната експлозија во двокатна зграда во атинската населба Плака, со што и заврши операцијата за пребарување што започна во петокот наутро, јави дописничката на МИА од Атина.

Жртвите, според информациите на МИА, се тројца државјани на САД со албанско потекло и еден Американец, кои веројатно биле на одмор во Атина и престојувале на првиот кат што функционирал како Ер-Би-Ен-Би., како и повозрасна брачна двојка, Гркинка и Британец на возраст од 77 и 78 години, кои живееле на првиот кат.

Експлозијата се случи во петокот околу 7 часот и 45 минути, најверојатно од истекување на природен гас, а зградата целосно се урна.

Операцијата за пребарување почна веднаш по експлозијата и непрекинато траеше во текот на ноќта, кога беше пронајдено и извлечено првото тело, а извлекувањето на  продолжи во текот на денот, со останатите пет тела кои со возила на брзата помош беа префрлени во атинските болници.

По завршувањето на операцијата, директорот за стратешко планирање и комуникации на Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис информираше и потврди дека беа извлечени телата на шестемина и потсети дека веднаш по експлозијата вчера наутро, пожарникарите евакуираа две жени од соседната зграда.

Ватракојанис рече дека пред експлозијата до Противпожарната служба не била доставена никаква пријава за миризба на гас во областа.

– Операцијата се спроведува согласно протоколот за постапување што се применува по уривање на објект од земјотрес, без никаков прекин во текот на ноќта, и со присуство на грчката полиција. Во текот на целата операција беа користени геофони за откривање звуци, како и камери за лоцирање на лицата, како и кучиња за пребарување и спасување, објасни Ватракојанис,

Вклучени беа 30 пожарникари со шест возила, од кои две специјализирани спасувачки возила, како и три кучиња за пребарување и спасување.

Паралелно додаде дека општина Атина уште од самиот почеток помага со градежни машини за отстранување на материјалите и урнатините, со цел да им се олесни работата на пожарникарите.

– Исто така, уште од самиот почеток, на местото на експлозијата и пожарот во објектот се наоѓа екипа од Дирекцијата за истрага на кривични дела поврзани со подметнување пожари (ДАЕЕ), составена од десет специјализирани службеници. Во рамките на истрагата по службена должност, припадниците на ДАЕЕ го документираат местото, го собираат и проценуваат секој доказ што може да придонесе за утврдување на околностите на несреќата. Се испитува редоследот на настаните, експлозијата, пожарот и уривањето на објектот, со цел да се утврдат причините. Предистражните дејствија се спроведуваат под насоки на надлежното основно обвинителство во Атина и во соработка со останатите надлежни служби на грчката полиција, информираше Ватракојанис.

Местото на несреќата денеска повторно го посетија министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција Евангелос Турнас, атинскиот градоначалник Харис Дикас, како и претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси, професорот Ефтимиос Лекас.

Извори од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција, брифираа дека Турнас бил информиран за завршувањето на операцијата за пребарување и спасување и извлекувањето на сите лица кои се водеа како исчезнати и наредил противпожарни сили и припадници на специјалната спасувачка единица да останат на местото онолку долго колку што ќе биде потребно, со цел да помогнат во сè што ќе биде потребно.

Дополнително разговарал со министерката за култура на Грција Лина Мендони и со генералната секретарка за култура, Олимпија Викату, во однос на соседните заштитени објекти и за мерките што треба да се преземат за нивна заштита и безбедност.

На местото на несреќата, како во текот на вчерашниот ден, така и денеска големо беше присуството, како на грчки, така и на странски новинарски екипи.

Експлозијата, како што вчера објави МИА, била толку силна што се слушнала и на околните улици и жител на населбата коментираше дека помислил дека станува збор за напад со бомба, додека пак Абдул, кој со автомобилот поминувал пред двокатната зграда за време на експлозијата раскажа дека откако се скршиле прозорците, автоматски се заклучиле вратите, морал преку прозорец да го напушти возилото и како што рече, да трча и да бега.

Бев во автомобилот и токму кога поминував овде се случи експлозијата. Воопшто не сфатив што се случува. Како што гледате, автомобилот беше погоден, се тресеше и сè околу мене почна да се распаѓа. Слушнав само многу силна експлозија. Едно „бам!“. Автомобилот се крена во воздух. Се скрши стаклото. Се обидов да излезам од автомобилот и да се спасам, но не се отвораше вратата. Автомобилот се изгасна, бидејќи е електричен. Излегов низ прозорецот и веднаш почнав да трчам, раскажа Абдул за МИА.

Населбата Плака, каде што се случи експлозијата е една од најпрометните атински населби и најпопуларната туристичка локација, во непосредна близина на Акропол, а исто како и вчера, така и денеска голем беше бројот на туристи кои љубопитно се интересираа што точно се случило, но и не е мал бројот на оние кои коментираат дека, ако експлозијата беше подоцна, сигурно бројот на жртви ќе беше поголем.