СДСМ нема да и се извини на Божиновска – „Изнесуваме факти, не инсинуации“

Социјалдемократите немаат намера да и се извинат на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. По обвинувањата што тие ги изнесоа, за нејзината улога во фирмата „Руднап“ која доби тендер од ЕВН за набавка на електрични броила, Божиновска ги отфрли овие обвинувања и најави тужба против опозициската партија, доколку тие не ги повлечат наводите изнесени јавно.

Социјалдемократите немаат намера да и се извинат на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. По обвинувањата што тие ги изнесоа, за нејзината улога во фирмата „Руднап“ која доби тендер од ЕВН за набавка на електрични броила, Божиновска ги отфрли овие обвинувања и најави тужба против опозициската партија, доколку тие не ги повлечат наводите изнесени јавно.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче јавно го одби барањето од Божиновска. „Изнесуваме факти, а не инсинуации“, реплицираше тој.

За потсетување, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, изминатиот период тврди дека компанијата „Метер енд контрол“ (Meter@Control) од Србија е избрана за носител на договорот на ЕВН Македонија за набавка на броила за електрична енергија, вреден 13,2 милиони евра и дека оваа фирма е поврзана со „Руднап груп“, која се појавува во нејзината сопственичка историја.

Според тврдењата на социјалдемократите, станува збор за, како што наведуваат, нова милионска алка во „енергетската бизнис-мрежа“ на премиерот Христијан Мицкоски, а клучната врска што ги спојува „Руднап“ и Владата е министерката за енергетика, Сања Божиновска и почесниот македонски конзул во Србија, Душан Адамовиќ.
„Во периодот од 2011 до 2014 година, Божиновска била извршен директор во компании на „Руднап груп“ во Централна и Источна Европа. Таа се поврзува и со „Руднап ДООЕЛ“ Скопје, каде што била управител. „Руднап“ е партнер и со „Ал Дахра“, компанија која се поврзува со проектот „Белград на вода“, модел кој сега се најавува и во Македонија“, објавија викендов на прес-конференција од СДСМ.

Министерката за енергетика денеска преку објава на нејзиниот официјален фејсбук-профил вели дека категорично ги отфрла и демантира, како што пишува, лагите и тенденциозните конструкции на опозциската партија, која, додава, без ниту еден доказ се обидува да ги наруши нејизната чест, углед и професионален интегритет.

Божиновска тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна ниту приватна релација со „Руднап“, ниту пак, поврзаност со набавката и постапката што ЕВН како приватна компанија ја спроведува самостојно и за сопствени потреби.

„СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за наводна моја вмешаност во деловни зделки, без да понуди ниту еден факт што би ги поткрепил таквите тврдења. Ова не е аргумент, туку обид за политичка дискредитација. Нема да дозволам преку партиски прес-конференции да се фрлаат невистини во јавноста и потоа да се очекува тие да останат без одговор. Политичката борба не е и не може да биде алиби за клеветење, манипулирање со јавноста и нарушување на личниот и професионалниот углед“, вели Божиновска.

Затоа, како што наведува, бара СДСМ во рок од 24 часа јавно да ги повлече, според неа, невистинитите тврдења и да ѝ се извини за нивното изнесување.

Во спротивно, министерката најавува дека ќе следуваат конкретни правни чекори.