
СДСМ преку соопштение бара итна реакција од надлежните институции по објавените информации за наводна поврзаност на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, со компанија регистрирана во Бугарија.
Од опозициската партија велат дека според документи објавени во бугарски медиуми, Јанушев е поврзан со компанијата „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО со седиште во Ќустендил, чија основна дејност е патен линиски превоз на стока.
Според СДСМ, во сопственичката и управувачката структура на компанијата се појавуваат лица блиски до кругот на ВМРО-ДПМНЕ, а воедно посочуваат дека во јавно достапните анкетни листови доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата нема податоци за пријавена поврзаност на Јанушев со компанија во Бугарија.
Поради тоа, од СДСМ бараат ДКСК, Јавното обвинителство и останатите надлежни институции да отворат постапка и да ги проверат сите факти поврзани со случајот.
„Јавноста заслужува одговор дали постои непријавен имот, капитал или деловен интерес во странство и зошто тие информации не се пријавени“, велат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека случајот го разоткрива, како што наведуваат, лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, обвинувајќи дека додека зборуваат за загрозен идентитет, истовремено остваруваат деловни интереси во Бугарија.
СДСМ прашува и дали Игор Јанушев ќе поднесе оставка од функцијата генерален секретар на Владата додека трае евентуалната истрага за случајот.