
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Подгорица порача дека Западен Балкан е од големо стратешко значење за алијансата.
Тој укажа на постоењето актери, кои се обидуваат да го повлечат регионот назад и да го дестабилизираат нагласувајќи дека НАТО ќе се спротивстави на таквите намери.
– Знаеме дека постојат актери што се обидуваат да го повлечат Западен Балкан назад, да го нарушат напредокот и да го дестабилизираат регионот. НАТО е посветен на тоа проблемите од минатото да останат во минатото. Ќе ја посочиме секоја злонамерна активност на територијата на НАТО и ќе ѝ се спротивставиме – изјави Руте на прес-конференција по средбата со црногорскиот премиер Милојко Спаиќ и членовите на владата на Црна Гора.
Според него, живееме во опасен свет и на НАТО му се потребни силни општества кои градат силни војски.
– Русија продолжува да ја води својата агресорска војна против Украина. Кина станува сè поасертивна во својот настап, а нашето јужно соседство е нестабилно – оцени генералниот секретар и порача дека сојузниците мора повеќе да вложуваат во опрема, да го зголемат одбранбеното производство и да ја зајакнат поддршката за Украина.
Руте го поздрави учеството на Црна Гора во светските мисии, особено на Косово, поддршката за Украина и ги пофали издвојувањата за одбрана, кои моментно надминуваат два отсто од БДП.
Црногорскиот премиер Милојко Спаиќ наведе дека капацитетите на Војската на Црна Гора се „значајно зајакнати во последните години“ додавајќи дека довербата на граѓаните во војската е на историски максимум од 78 проценти. Тој најави дека во јуни Црна Гора ќе потпише договор со САД за критична инфраструктура за воена и цивилна употреба, како и соработка со Канада и Германија.
На состанокот присуствуваа и потпретседателот на владата, Алекса Бечиќ, министерот за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ и министерот за одбрана Драган Краповиќ. Руте оствари одвоена средба и со претседателот Јаков Милатовиќ по што ќе им се обрати на студентите на Факултетот за политички науки во Подгорица.
Црна Гора е членка на алијансата од јуни 2017 година.