
Реализирани над 65 проценти од проектот за реконструкција и проширување на охридскиот аеродром
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со генералниот директор на „ТАВ Македонија“ денеска извршија увид воградежните работи за реконструкцијата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со генералниот директор на „ТАВ Македонија“ денеска извршија увид во градежните работи за реконструкцијата на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Со проектот е предвидено да бидат обезбедени дополнителни 4.500 метри квадратни функционален простор, за поудобно, поефикасно и попријатно искуство за патниците, како и подобри услови за работа на персоналот, полицијата и царинската управа.
Како што беше истакнато на прес-конференцијата, работите се над 65 проценти реализирани, а она што е можеби најважно е што градежните активности се одвиваат без притоа да се ремети работата на аеродромот односно приемот и отпраќањето патници.
Воспоставувањето на новите директни авиолинии од Вроцлав и Катовице до Охрид претставува значаен чекор во проширувањето на авио-поврзаноста на земјава со Полска, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој посочи дека со новите линии се очекува зголемување на бројот на туристи и бизнис-патници, како и поголема економска размена и отвореност кон европските пазари.

– Ова значи многу повеќе патници, многу повеќе туристи кои ќе доаѓаат во Македонија, многу повеќе луѓе кои ќе доаѓаат да прават бизнис и дополнителна отвореност кон светот, рече Николоски, додавајќи дека новите рути ќе имаат директен придонес за Охрид, Струга, Дебрца и целиот регион.
Осврнувајќи се на резултатите во авиосообраќајот, тој информираше дека во периодот јануари–мај годинава е забележан раст од 31,2 проценти на бројот на патници во споредба со истиот период лани.
– Бројките се одлични. Ова е раст кој не може да се најде на ниту еден од аеродромите во регионот, изјави Николоски.
Тој додаде дека со ваквиот тренд е реално да се очекува годинава бројот на патници да достигне 3,5 милиони, а во следниот период и четири милиони патници на македонските аеродроми.
– Ако минатата година првпат надминавме три милиони патници, оваа година со ова темпо ќе стигнеме до 3,5 милиони и ќе си поставиме нова цел од четири милиони патници, рече Николоски.

Тој истакна дека паралелно се реализира реконструкцијата и надградбата на охридскиот аеродром, која опфаќа проширување на терминалната зграда и подобрување на условите за патниците.
– За околу два месеца аеродромот ќе изгледа целосно ново, со проширени делови за пристигнување и заминување, што ќе донесе дополнителен економски стимул, изјави Николоски.
Според него, инфраструктурните проекти како автопатот Охрид–Кичево дополнително ќе придонесат за развојот на целиот регион.
Директорот на „ТАВ Македонија“ од своја страна посочи дека реконструкцијата и проширувањето на аеродромот во Охрид е проект вреден 2,7 милиони евра, средства што ќе овозможат удобност и пријатност за сите патници, но и подобри оперативни услови за вработените.

За модернизацијата на охридскиот аеродром тој уште очекува да придонесе за натамошно позиционирање на Охридскиот регион и Македонија како една од најатрактивните и најдостапни туристички дестинации во Европа, а во соработка со авиокомпаниите и со поддршка на Владата ќе продолжи проширувањето на мрежата на директни линии и зајакнувањето на меѓународната поврзаност на аеродромот.
– Ќе продолжиме со проширување на мрежата на директни рути и со јакнење на меѓународната поврзаност, рече Курт.
Тој информираше дека од утре „Ер Србија“ ја воспоставува сезонската линија Белград–Охрид, додека на 16 јуни „Туркиш ерлајнс“ ќе ги стартува сезонските летови, кои ќе сообраќаат четири пати неделно.
Курт додаде дека до крајот на јуни охридскиот аеродром ќе има осум авиокомпании кои ќе сообраќаат на 17 дестинации, од кои 14 редовни и сезонски линии и три чартер-дестинации.
Во оваа прилика Курт потсети дека охридскиот и скопскиот аеродром се меѓу најбрзорастечките во Европа, при што Македонија бележи раст од 31 отсто на патничкиот сообраќај во првите пет месеци од годинава.

Тој нагласи дека и покрај стагнацијата во дел од европските пазари, земјава остварува двоцифрен раст и се позиционира меѓу најбрзорастечките во регионот.