
Проф. д-р Ана Чупеска: Акутна криза на персоналниот дигитален суверенитет
Согласно актуелноста, безбедноста, денес, уште повеќе ќе мора научно да реферира на пунови кои се наоѓаат далеку од домените на военото тактизирање. Тоа, изискува, уште посилно популаризирање на референтноста на безбедносната култура која освен што е нормативен систем на евалуативни содржини , денес отвора и друга важна димензија: онаа за когнитивните стандарди. Тие стандарди, го дефинираат нашето онтолошко и демократско постоење.
Обраќање на проф. д-р Ана Чупеска
Почитувани колеги, почитувана академска јавност, Како што често истакнуваме во рамките на политичките науки, безбедноста во дигиталната ера веќе одамна не е само технички параметар, туку претставува централно место на борба за зачувување на нашата демократска пракса и самата човечка суштина — имено, нејзината епистема и онтологија. Ние, се наоѓаме среде состојба на перманентна техничка акцелерација во која границите помеѓу физичкиот и дигиталниот свет се претопуваат во она што Лучијано Флориди го дефинира како „Onlife“ реалност.
Согласно актуелноста, безбедноста, денес, уште повеќе ќе мора научно да реферира на пунови кои се наоѓаат далеку од домените на военото тактизирање. Тоа, изискува, уште посилно популаризирање на референтноста на безбедносната култура која освен што е нормативен систем на евалуативни содржини , денес отвора и друга важна димензија: онаа за когнитивните стандарди. Тие стандарди, го дефинираат нашето онтолошко и демократско постоење.
Имам неколку клучни тези со кои би ја скенирала фактичката ситуација апропо актуелноста на моментот:
• Прво, сведочиме на акутна криза на персоналниот дигитален суверенитет, кој е под притисок на „надзорниот капитализам“ (Зубоф); односно, личните податоци веќе не се информации, туку „бихејвиорална суровина / марксистички сурплус“, чија узурпација ја поништува индивидуалната автономија.
• Второ, сведоци сме на дигитално насилство и декултурирање, што е врзано за масовната примена на вештачката интелигенција (ВИ), која длабоко ја дестабилизира психолошката сигурност кај поединците.
• Трето, претходните две состојби се основа за политичко инструментализирање, односно се отворен полигон за псајоп (psyop) операции. Бидејќи отсуството на вредносно стимулирачки когнитивен развој ги прави луѓето податливи на софистицирано „псиоптирање“ — односно на манипулација која ги деградира свесните одбранбени механизми на луѓето.
• Четврто, се случува ерозија на јавната сфера, која е распарчена во асиметрични екосистеми кои ја оневозможуваат „заедничката вистина“, создавајќи состојба на перманентна онтолошка несигурност.
• Петто, супранационалните регулативи се соочуваат со ризикот на автократска кооптација, позната како „Тест на Путин“.
• Шесто, констатира и НАТО дека на масата се сервира и когнитивното војување. Значи, нападите се насочени кон епистемичките и вредносните структури на општеството (тоа се т.н. системски инваријанти).
• Конечно, сè уште можеме да ја третираме демократијата како легитимен и пред сè егзистенцијален одбранбен механизам, имајќи предвид дека демократските системи се единствената платформа за градење на вистинска когнитивна, онтолошка и психолошка отпорност.
Ова беа т.н. сирови тези; дозволете сега да ги елаборирам подетално.
Кога зборуваме за дигиталниот суверенитет, мораме да разбереме дека тој не е само правна конструкција, туку „хибридна црна кутија“ од технички и КУЛТУРНИ КОМПОНЕНТИ кои ги стабилизираат суверените претензии во сајбер просторот. На пример, во македонскиот контекст, институционалниот премин кон ресор за дигитална трансформација — да не се лажеме — не е доволен за отпорност, бидејќи вистинскиот суверенитет на една држава останува илузорен доколку не се заштити персоналниот дигителен суверенитет на граѓанинот. Ова е на линија на Зубоф, која нè предупредува дека „надзорниот капитализам“ работи преку експропријација на личните податоци, каде човечката природа се „струга и кине“ за потребите на пазарните проекти. Оваа узурпација на податоците создава култура на десензибилизација, каде поединецот ја губи својата „внатрешна автономија“ и станува лесна мета за инструменталната моќ. Мета за Когнитивен упад.
Понатаму, секуритизацијата на дигиталната сфера, гледана низ призмата на Копенхашката школа, нè учи дека безбедноста е дискурзивен чин кој оправдува вонредни мерки. Македонија, преку имплементацијата на актите хармонизирани со NIS2 директивата во јануари 2026 година, покажува премин кон проактивна безбедносна култура која го инволвира и приватниот сектор. Но, сепак, и ова е многу скромно, би рекла ако сакам да употребам еуфемизам — но нема, туку ќе речам дека е неодговорно, исто како и потпишувањето на Рамковната конвенција на Советот на Европа за ВИ во мај 2026 година. Неодговорно е бидејќи четирите клучни ЕУ акти за регулација (AI Act, Digital Services Act – DSA, Digital Markets Act – DMA и Data Act) не се важечки за нас. Уште повеќе што, без суштински механизми кои ќе го спречат „псиоптирањето“ (psyop) — односно манипулацијата на когнитивните процеси преку софистицирани алгоритми што ја заменуваат вредносната когнитивна еволуција со податливост — ваквите конвенции, министерства и слични „шминки“ остануваат само празни форми додека дехуманизацијата продолжува незапирливо.
Најсофистицираната закана, имено денес е когнитивното војување кое ги таргетира „системските инваријанти“ на општеството — нашите епистемички, вредносни и идентитетски структури. Со оглед на нискиот индекс на медиумска писменост и отсуството на индекс на дигитална писменост во Македонија, нашите граѓани се наоѓаат во состојба на зголемена ранливост на дигитално насилство и информациски манипулации. Отсуството на вредносно стимулирачки когнитивен развој создава вакуум кој малигните актери го пополнуваат со радикализација. Бенклер тоа го докажува, тврдејќи дека технологијата не е судбина, туку таа е де факто во интеракција со институциите! А асиметричните медиумски јамки кај нас создаваат „онтолошка несигурност“ — длабока вознемиреност за стабилноста на идентитетот и за светот во кој живееме.
Сега дозволете накратко да сугерирам и егзит стратегија за Македонија во ваква декултурирана и когнитивно небезбедна средина.
• Прво, Македонија мора да конципира егзит стратегија која ја дефинира демократијата како врвен безбедносен интерес и предуслов за секоја безбедносна култура. Тоа подразбира радикална супранационална интеграција и вредносен мултилатерализам, односно итна интеграција во ЕУ и, секако, во демократското НАТО. Паралелно, вреди да се отвориме и за вредносно поврзаните „средни сили“, како што ги нарече Карни. Доколку сте ги проследиле постулатите на оваа старо-нова демократска позиција, која се формализираше на последниот состанок на Европската политичка заедница, како и одбранбеното усојузување на ЕУ и Канада, лесно ќе се увериме дека линијата на отпорноста е низ вредностите на супстантивната демократија.
• Второ, потребна е заштита на персоналниот дигитален суверенитет, кој треба да стане културна вредност и норма. Мораме да го редефинираме односот кон податоците — сега и овде. Не може да бидеме сите бесплатни податочни точки. Слично, заштитата на приватноста не смее да биде само административна обврска, туку бедем кој го спречува „псиоптирањето“, декултурирањето и десензибилизацијата на населението.
• Трето, излезот од информацискиот хаос подразбира градење на когнитивна, онтолошка и психолошка отпорност преку образование кое поттикнува критичка свест и етичко расудување. А за ова да биде применливо, услов е да се има супстантивно демократски систем, бидејќи демократските системи се единствената можна опција за градење на ваков вид на отпорност.
• Четврто, потребно е и враќање на авторитетот на професионалното новинарство и науката како културни кочници против информациското и когнитивното војување (односно психолошкото војување) и декултурирањето и распарчувањето и компромитацијата на јавната сфера.
Сакам да завршам со тоа дека сигурноста и безбедноста на Македонија во дигиталниот век не се гради со софтверски „firewalls“, со минитерства и со фрази за е-демократија, туку со отпорни и свесни луѓе. А супранационалното демократско поврзување е единствената одржлива платформа која овозможува зачувување на човечкото достоинство и персоналниот дигитален суверенитет.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“