
Притворени тројцата уапсени за експлозијата во центарот на Атина со шестмина загинати
Мерка притвор им е одредена на тројцата уапсени за експлозијата во двокатната зграда во атинската населба Плака на крајот од септември, во која животот го загубија шест лица, а беше предизвикана од истекување на природен гас, откако претходно, сега веќе притворените, украле бакарни цевки, јави дописничката на МИА од Атина.
Мерка притвор им е одредена на тројцата уапсени за експлозијата во двокатната зграда во атинската населба Плака на крајот од септември, во која животот го загубија шест лица, а беше предизвикана од истекување на природен гас, откако претходно, сега веќе притворените, украле бакарни цевки, јави дописничката на МИА од Атина.
По речиси шестчасовниот исказ пред истражен судија и јавен обвинител, обвинетите се обиделе да ги отфрлат обвинувањата дека го предизвикале истекување на гасот, а со тоа и експлозија.
Едниот од нив го обвинил другиот дека ја пресекол цевката, но сепак признале дека по отстранувањето се чувствувал мирис на гас, што, според информациите од противпожарната служба на Грција, претставува особено важен елемент во реконструкцијата на настаните што ѝ претходеле на експлозијата.
Уапсените, двајца Грци на возраст од 37 и 55 години и 34-годишен албански државјанин, според грчките медиуми, биле снимени од безбедносни камери како влегуваат во двокатниот објект, каде што предизвикале оштетување на цевководите на инсталацијата за природен гас со цел кражба на бакарни цевки, но и како меѓу себе ги делат украдените цевки еден час по експлозијата.
Истрагата за експлозијата што траеше 34 дена, ја спроведе Дирекцијата за истражување на кривични дела поврзани со подметнување пожари при противпожарната служба на Грција, ги расчисти причините за несреќата и беа идентификувани тројцата сторители, кои во петокот беа уапсени.
Експлозијата во населбата Плака, во центарот на Атина, што е една од најфреквентните населби во грчката метропола и една од главните туристички локации, се случи во раните утрински часови на 25 септември во двокатна зграда, што целосно се урна.
Животот го загубија шест лица, повозрасна брачна двојка која живеела на вториот кат и четворица туристи, тројца државјани на САД со албанско потекло и еден Американец, кои престојувале на првиот кат што функционирал како Ер-Би-Ен-Би.
Потрагата под урнатините на спасувачките служби траеше над 30 часа кога беа пронајдени и извлечени шесте безживотните тела.